Грчкиот Врховен суд ѝ забрани на крајнодесничарска партија да влезе во изборната трка за ЕП

Врховниот суд на Грција во средата ѝ забрани на екстремно десничарската партија којашто дејствува под називот Спартанци да учествува на овогодинешните избори за Европскиот парламент, објавија грчките медиуми.

Судски извори ја потврдија информацијата за Reuters, со оглед дека во Грција судските одлуки не се објавуваат веднаш. Судот донесе одлука според којашто партијата не ги исполнила поставените услови за учество на изборите.

Претходно месецов јавниот обвинител на Врховниот суд му наложи да биде покренато обвинение против 11 пратеници кои првично беа избрани на листата на Спартанци под сомнение дека измамиле гласачи на националните избори одржани во јуни 2023 година со добивање инструкции од политичар кој бил и сѐ уште е во затвор.

Петмина од нив оттогаш станаа независни претставници.

Се очекува во наредните денови и изборниот суд да донесе одлука дали 11-те пратенички мандати може да се распределат меѓу претставниците на другите партии во 300-члениот парламент или ќе треба да се повторат изборите во регионите од каде што тие беа избрани.

На минатогодишните избори, три ултранационалистички партии освоија места во парламентот, добивајќи повеќе од 12 отсто од гласовите.

Епилогот на судот предизвика политички превирања и откри сѐ поголем јаз меѓу 11-те пратеници кои разменија остри обвинувања. Во средата, 33-годишниот пратеник, кој поднесе оставка од пратеничката група на Спартанци во февруари, беше приведен откако го удри со тупаница в лицето член на друга ултранационалистичка партија.

Партијата на Спартанци едвај беше спомната во анкетите пред изборите во јуни 2023 година додека Илиас Касидиарис, кој отслужува затворска казна за неговата водечка улога во забранетата крајнодесничарска партија Златна зора, не ја поддржа од неговата затворска ќелија.

Во средата, грчкиот Врховен суд одобри претставници на 31 партија да се натпреваруваат на изборите за Европскиот парламент ​​од 6 до 9 јуни. Тогаш гласачите во целиот 27-член блок на земји-членки ќе изберат 720 нови членови на ЕП кои ќе бидат на таа позиција во следните пет години.