| |

Керемедчиев: РСМ раскинува со својот пат кон евроинтеграциите

РСМ категорично раскинува со својот пат кон евроинтеграциите. Ова за БНР го изјави Милен Керемедчиев, поранешен заменик министер за надворешни работи и економија на Бугарија.

Според него, Северна Македонија оди по веќе познатиот пат на зближување со Србија, Русија, Кина и Унгарија, кон директна конфронтација со соседите и „спротивставување на Брисел и европските вредности“.

Новоизбраната претседателка на државата Гордана Силјановска е правник и многу добро знае дека откажувањето од договорите ќе ја однесе државата во сосема друга насока, а тоа ќе има сериозни последици, посочи Керемедчиев во однос на ревизијата на договорите на земјата со Грција и ЕУ најавена од Скопје.

Во РСМ се вкоренети не само антибугарски, туку и антиевропски чувства, наведува Керемедчиев.
„Реториката ќе се ублажи, но политиката што ќе ја води ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи. Нема начин да се искоренат антибугарските ставови и чувства. Го допревме дното на нашите билатерални односи и не гледам како тие ќе се подобрат“, коментира тој во емисијата „Пред сите“.

Раката подадена од Бугарија ќе остане да виси во воздух и нема да биде прифатена од македонската власт, смета Милен Керемедчиев.

Според неговите зборови, „Бугарија нема каде да се повлече“ и отсега мора да има „исклучително цврста и конзистентна политика“, бидејќи во Скопје сметаат дека Бугарија има слаби позиции како членка на ЕУ и тие можат да се менуваат под притисок.



Слични Објави