Холандската престолонаследничка се засолнила во Шпанија поради стравувања од киднапирање


Холандската престолонаследничка принцезата Амалија се засолнила во Шпанија на една година поради стравувањата дека ќе биде киднапирана од банда.

20-годишната наследничка на холандскиот престол студирала во Мадрид, откако била принудена да ги отфрли плановите да живее во студентско сместување во Амстердам, во октомври 2022 година, објави јавниот радиодифузер НОС, цитирајќи кралски извори.

Тоа се случило неколку недели откако принцезата Амалија и премиерот Марк Руте, беа спомнати во пресретнати комуникации меѓу членовите на бандата, што доведе до безбедносни стравови.

Ридуан Таги, наводно најмоќниот нарко бос во Европа, негираше каков било заговор против принцезата пред да биде осуден на доживотен затвор за пет убиства во февруари.

Пред изрекувањето на пресудата, се смета дека холандско-мароканскиот криминален бос наредил три убиства поврзани со неговото судење, вклучително и адвокат, ТВ-новинар и брат на крунскиот сведок.

Заканите од бандите доведоа до стравувања дека Таги сè уште ја води својата криминална империја од затвор и дека Холандија станала „нарко држава“.

Безбедноста околу премиерот Руте, кој често одел на работа со велосипед, беше зголемена, додека принцезата Амалија се врати во палатата во Хаг.

Кралското семејство беше фотографирано насмеано кога ги започна нејзините студии по политика, психологија, право и економија на Универзитетот во Амстердам и одлуката да живее во студентско сместување.

„Таа не можеше да живее во Амстердам и навистина не можеше да излезе надвор (од палатата)… Тоа имаше огромни последици по нејзиниот живот“, рече тогаш кралицата Максима.

НОС соопшти дека принцезата наместо тоа се преселила во главниот град на Шпанија. Амалија зборува течно шпански, а нејзината мајка Кралицата Максима (52) е родена и израсната во Аргентина.

Заканата за Амалија не исчезна, но таа можеше повторно да живее и да студира во Холандија, благодарение на неодредени „мерки“, соопшти НОС.

Таа наводно сега живее во Амстердам.

Во февруари таа за прв пат јавно проговори за заканите. „Ми недостига нормалниот живот, животот на студентот. Шетајќи по улиците, одење во продавница“, рече таа.

Амалија во среда за првпат ќе има официјална улога во дводневната државна посета на шпанското кралско семејство.

Кралот Вилем-Александар рече дека ситуацијата „имала многу тешко влијание“ врз неговото семејство. „Несигурноста, недостигот на слобода, не сакате така да ги воспитувате вашите деца“, рече тој, додавајќи дека е горд на издржливоста на Амалија. (Телеграф)