Фото: Маја Јаневска-Илиева

Деновиве во јавноста се појавија некои експертски мислења дека Македонија треба да се откаже од природниот гас и инфраструктурата за него, како и од енергетските постројки на природен гас. Тргнувајќи од ваквата констатација, се консултиравме со повеќе реномирани експерти од областа на енергетиката. Од повеќе разговори на оваа тема, ги презентираме клучните ставови и заклучоци

Европа не прекинува, туку, напротив, продолжува со изградба на нови гасни енергетски постројки

Деновиве во јавноста се појавија некои експертски мислења дека Македонија треба да се откаже од природниот гас и инфраструктурата за него, како и од енергетските постројки на природен гас. Тргнувајќи од ваквата констатација, се консултиравме со повеќе реномирани експерти од областа на енергетиката. Од повеќе разговори на оваа тема, ги презентираме клучните ставови и заклучоци.

ЕУ ја заврши зимската сезона со рекорден обем на складиран гас

Многу земји во Европа предлагаат изградба на нови гасни постројки за да се подобри енергетската безбедност и да се избегнат прекини на струја. Иако Европа се залага за т.н. зелена енергија, нуклеарната енергија се враќа на голема врата. Наедно, во целиот пакет за стабилно снабдување со енергија, незаобиколен е и природниот гас, што недвосмислено ќе помогне да се балансира зелената енергија. На пример, дури и сега околу една третина од електричната енергија во Британија се произведува од електроцентрали на гас. Исто така и Италија објави дека планира постепено да го исфрли јагленот по 2025 година и дел од капацитетот да биде заменет со нови гасни постројки. Слична изјава даде и Германија – земјата ги затвори своите нуклеарни централи и планира да инвестира 16 милијарди евра во нови гасни централи за покривање на побарувачката за електрична енергија. Берлин планира да ги балансира своите ветерни електроцентрали, кои произведуваа рекордни количества електрична енергија зимоска со гасни постројки. Ова е уште една изјава на голема европска економија за враќање на интересот за електроцентрали на гас. Пред две години, со почетокот на енергетската криза во Европа, гасните капацитети масовно се затворија, откако започна руско-украинскиот воен конфликт. Но во Европа ја сфатија својата голема зависност од рускиот гас. Периодот се совпадна и со недостигот од ветер во Северно Море, што ги натера земјите на континентот дури повторно да ги отворат своите електроцентрали на јаглен. Иако Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија, вети дека ЕУ постепено ќе го укине рускиот увоз до 2027 година, немаше санкции за извозот на руски гас до декември 2023 година. Една година подоцна, ЕУ ја заврши зимската сезона со рекорден обем на складиран гас. Цените во меѓувреме се вратија на нивото од пред да почнат да растат во втората половина на 2021 година. Несомнено, Европа има корист (добра среќа) од двете благи зими, за разлика од Јапонија, каде што неколку електроцентрали беа затворени за да се избегне недостиг од гас на други места.

Препораки за развој на гасификацијата во државава

Деновиве кај нас беше објавена анализа на Државниот завод за ревизија (ДЗР) со наслов „Бавната гасификација – со негативно влијание на енергетската транзиција“, каде што имаат извршено ревизија за развој на системот за гасификација во Македонија.
Во анализата се наведува дека во 2016 година е почната изградба на дополнителни гасоводи за гасификацијата на целата територија на државата. Со ревизијата е утврдено дека нивната изградбата се одвива со бавна динамика и постојат отстапувања во однос на планираната временска рамка, местоположбата на гасоводите и планираните финансиски средства за изградба. Најголем дел од нив, иако е изграден, сѐ уште не е ставен во употреба. За ваквата состојба се наведуваат следните причини: бавно решавање на предметите за експропријација, слабости во следењето на реализацијата и надзорот над изградбата на магистралните гасоводи и начинот на одржување на гасоводната мрежа. За надминување на констатираните состојби се дадени препораки за преземање мерки и активности за отстранување на слабостите и за развој на гасификацијата на државата.
Експертите во енергетскиот сектор тврдат дека изградба на гасна централа значи енергетска стабилност. Стабилно снабдување со електрична енергија за цела Македонија, како и топлина за Скопје, е само една од придобивките на нова когенеративна централа што сметаат дека треба да се изгради во државава.

Изградба на комбинирани гасно-парни термоенергетски блокови на
природен гас

Професорот Ристо Филкоски од Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет вели дека е тешко да се пристапи праволиниски, во стилот – да решиме дали да продолжиме со користење на термоцентралите на јаглен во наредниве дваесетина години.
– Тие се стари, па и покрај одржувањето, дел од опремата веќе го надминал својот реален технички работен век. Локалните јагленокопи се на исцрпување, а тие што требаше да бидат активирани пред 10-15 или повеќе години не се отворени. Во меѓувреме настапи фуриозно незрелиот зелен план на ЕУ и класичните термоенергетски објекти во Европа, а и кај нас, некако се запоставија во намерата брзо да се премине кон системи базирани врз обновливи извори на енергија – објаснува Филкоски.
Во такви околности, според него, сега логично нормално решение би било постојните објекти да се одржуваат во рамките на можностите и да се вложат напори тие да функционираат до изградбата на соодветни замени.
– Веднаш треба да започне изградба на комбинирани когенеративни термоенергетски постројки на природен гас, пред сѐ со домашни сили, без широкоградо давање прескапи подароци на странски т.н. „инвеститори“ во сомнителни зделки. Поради карактеристиките на опремата, таквите постројки може да се изградат во релативно кратки рокови. По нивното завршување и активирање, може да се започне со затворање (конзервирање) на блоковите на јаглен. Секако, еден од предусловите е и квалитетно поврзување (интерконекција) со гасоводните системи на соседните земји. Прашањето за изградба на нуклеарни електроцентрали е од поширока геополитичка природа и бара посебна сеопфатна анализа – укажува Филкоски.
Тој истакнува дека исклучително е важно да се вложат искрени сериозни напори за изградба на нови објекти, заради покривање на базните потреби за енергија. Најреална опција за постепена замена е изградба на комбинирани гасно-парни термоенергетски блокови на природен гас.
– На пример, одлично би дошле една или две комбинирани гасно-парни постројки на природен гас од типот на ТЕ-ТО. Нивната цена последниве години е мошне прифатлива, а по својата техничка природа се карактеризираат со одлични перформанси во однос на енергетската ефикасност, флексибилностa и можностa за релативно брзи промени на оптоварувањето. Тоа оди во прилог на комбинација на таквите постројки во енергетски систем со позначително учество на ОИЕ – дополнува Филкоски.
Според него, веднаш треба да расчистиме со некои митови и заблуди. Прво, нема апсолутно чиста енергија, односно процеси и технологии на енергетска конверзија без влијание врз околината.
– Меѓутоа, современиот технолошки развој дозволува примена за енергетски потреби и на најнеквалитетни горивни материи, практично отпадоци, во постројки со висока ефикасност и со минимални емисии кон околината. Работата е само во тоа дека е неопходно да се издвојат доволно финансиски средства (односно да се намали профитот!) за да се обезбеди минимално влијание врз околината. Тука лежи и еден од клучните проблеми со пребрзата енергетска транзиција – се напуштаат многу добропознати, развиени и високоефикасни технологии, со потенцијал за понатамошно подобрување, во корист на технологии со многу непознати, при недоволно подготвени електроенергетски системи – споменува Филкоски.
Професорот вели дека една од главните причини за енергетскиот дебакл на земјите од ЕУ е лошо осмислената и избрзана енергетска транзиција, диктирана од зеленоглави политичари, кои воопшто не се стручни во енергетската проблематика (ако воопшто има област во која се стручни!).

Веднаш треба да започне изградба на комбинирани когенеративни термоенергетски постројки на природен гас, пред сѐ со домашни сили, без широкоградо давање прескапи подароци на странски т.н. „инвеститори“ во сомнителни зделки. Поради карактеристиките на опремата, таквите постројки може да се изградат во релативно кратки рокови. По нивното завршување и активирање, тогаш би можело да се започне со затворање (конзервирање) на блоковите на јаглен

– Таквата транзиција се манифестираше со избрзано затворање на голем број термоцентрали и нуклеарни централи, без да се обезбеди нивна соодветна замена. Потоа следуваа две-три години со малку ветер и недоволно сончева енергија, во услови кога стопанството бележеше постепено враќање во нормала при крајот на ковид-кризата, што значеше и зголемена побарувачка за енергија. На тоа се надоврзаа и санкциите кон Русија и кризата во Украина. Тука мора да се потенцира и комплексноста на енергетската состојба во Европа, што се одразува и на Македонија и земјите од регионот. Во европските земји беше можна постепена, би рекол, изводлива транзиција кон почисти енергетски технологии, со широка примена на природен гас. Меѓутоа, нерационалното однесување и паѓањето под целосно прекуокеанско влијание условуваат ЕУ целосно да потпадне под зависност на снабдувачи со доста скап и многу понееколошки втечнет гас – појаснува Филкоски.
За жал, како што додава тој, Македонија иако не е членка на ЕУ, ги трпи и ќе ги трпи последиците од таквата политика. Професорот укажува на тоа дека, всушност, ние веќе имаме последици поради нереализираниот проект за т.н. Јужен (Турски) тек од пред 10-15 години, проект што беше ненадејно запрен во зачетокот.