Европската комисија бара од Македонија да врати 2,2 милиони евра потрошени за измами од „Еразмус плус“

Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Марко Ѓоргиевски, денеска ја извести јавноста дека пристигнало информативно писмо од страна на Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија со конечно решение за извршување на 2,2 милиони евра.

Известување од европската канцеларија за борба против измами ОЛАФ со барање за поврат на 2,2 милиони евра од националната образовна агенција, наводно злоупотребени преку програмата „Еразмус плус“,пристигнало на крајот од минатата година.

– Во известувањето бевме информирани дека постојат неправилности во проектни досиеја на 22 корисници на грантови од програмата „Еразмус плус“ финансирани од Европската комисија. Согласно ова известување се бараат назад 2.276.212 евра кои биле доделувани како грантови од 2016 до 2018 година, рече Ѓоргиевски.

Во меѓувреме имало состаноци со релевантни институции, а прашањето било поставено и на владина седница. Управата за финансиска полиција потврдила дека е пристигнат извештај од ОЛАФ и доставен до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

– Во март добивме известување за конечноста на одлуката согласно извештајот. Во тек е предистражна постапка на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција и ќе ве замолам за разбирање што повеќе нема да можам да споделувам детални информации, рече директорот пред медиумите.

Ѓоргиевски додаде дека ќе се разговара со владата како во иднина повеќе да нема вакви скандали пред Европската комисија со доделувањето и прераспределбата на грантовите. Агенцијата ќе соработува со обвинителството и со финансиската полиција.