Вработените во железницата на Австрија стапуваат во штрајк од полноќ

60

Бидејќи преговорите меѓу синдикатите и работодавачите не доведоа до резултати, вработените во железницата во Австрија од полноќ стапуваат во еднодневен штрајк.

Поради штрајкот нема да сообраќаат локални, регионални, ноќни и меѓународни возови.

Синдикатот ги критикуваше работодавците, велејќи дека ги смета за одговорни за неуспешните преговори.

Синдикатот тврди дека работодавачите ја зголемиле претходната понуда за зголемување на платата за 200 евра, со еднократна исплата од 1.000 евра, во последниот круг за само осум евра.

„Осум евра нема да спречат штрајк“, рече главниот преговарач на синдикатот, Герхард Таухнер.

Работодавците, пак, тврдат дека ја подобриле понудата од плус осум на плус 8,44 проценти. За штрајкот го обвинуваат синдикатот.

„Одговорноста за предупредувачкиот штрајк и сите негови последици е на Стопанската комора која ги застапуваше работодавачите.

„Да водеа искрени преговори во последните месеци, одамна ќе ги завршеа“, рече Таухнер.

Синдикатот бара зголемување на платите за 400 евра месечно, што укажува дека вработените се соочуваат со рекордна инфлација која достигна 11 проценти.

Директорот на Австриските железници (OeBB) Андреас Мате рече дека не го разбира штрајкот.

Тој посочува дека работодавачите со 8,44 отсто дале најголема понуда за зголемување на платите од сите други сектори.

Мате им се извини на патниците и најави дека ОеББ ќе направи се за да го обнови железничкиот сообраќај што е можно поскоро по штрајкот.

Поради штрајкот на железницата, неколку австриски провинции објавија дека учениците и наставниците кои не можат да одат на училиште нема да бидат санкционирани, туку ќе бидат прифатени како оправдано отсуство.