Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Вирусот на птичји грип е пронајден во говедско месо во САД
Вирусот на птичји грип е пронајден во говедско месо во САД, но официјални лица изјавија дека месото потекнува од една болна млечна крава и дека не било дозволено да се најде во продавниците во земјата, соопшти американското Министерство за земјоделство.
Надлежните прецизираат дека говедското месо останува погодно за консумирање.
Министерството соопшти дека вирусот бил откриен за време на тестирањето на 96 млечни крави кои биле извадени од производната линија бидејќи федералните инспектори забележале знаци на болеста при рутински прегледи на трупови во погоните за преработка на месо. Птичји грип е пронајден само кај една од овие крави.
Птичјиот грип е пронајден во стадата млечни говеда во девет држави, откриен е во млеко и предизвика уништување на милиони кокошки и мисирки. Сепак, неговото откритие во говедско месо е новост за епидемијата што започна во 2022 година.
Регион
Состојбата на словачкиот премиер Фицо се подобрува
Лекарскиот тим, што се грижи за словачкиот премиер Роберт Фицо, по минатонеделниот атентат денеска потврди дека неговата состојба е субјективно подобрена, соопшти прес-службата на словачката Влада.
Фицо се лекува во болницата „Рузвелт“ во Банска Бистрица.
Тој беше застрелан минатата среда од 71-годишниот писател Јурај Цинтула, кој веднаш беше приведен од полицијата.
Регион
Лоцирани се остатоците од авионот што се урна во близина на Загреб
Лоцирани се остатоците од авионот што се урна попладнево во близина на Загреб. Неофицијално се дознава дека три лица преживеале, додека едно лице починало, јавува 24сата.
„Денеска во 15 часот и 51 минути е добиена дојава за пад на мал спортски авион во шумата јужно од Керестинац. Полициски службеници излегоа на терен, се укажува помош на повредените, местото на настанот е обезбедено“, соопштија од полицијата.
Авион од типот „Цесна“ кој се користел за скокови со падобран, се урна попладнево во близина на Загреб. Според неофицијални информации, во него имало четворица членови на екипажот.
Најверојатно се работи за спортски, тренинг или туристички авион кој се урнал во недалеку од пистата во загрепската населба Јеждовец.