И во Србија се шири измамата со подигање на наводни пратки во Пошта, иста како и во Македонија

Министерството за внатрешни работи на Србија (МВР) денеска ги повика граѓаните да не отвораат линкови во СМС или е-маил пораки кои бараат од нив да ги „ажурираат“ личните податоци поради наводна испорака или плаќање и да не стапуваат во комуникација со испраќачите на такви пораки.

-Станува збор за „фишинг“ пораки чија цел е кражба на лични и чувствителни податоци за да се добие противправна имотна корист, соопшти МВР на социјалните мрежи.

Пример за таква порака е: Пакетот пристигна и е складиран, ве молиме ажурирајте ја вашата адреса во рок од 12 часа или ќе ги изгубиме вашите артикли, што е придружена со насочување да кликнете на линкот каде што тоа наводно може да се направи.

Српските власти препорачуваат доколку некој го отворил линкот во пораката и ги оставил личните податоци, веднаш да ја извести Службата за борба против високотехнолошкиот криминал и Специјалното јавно обвинителство за високотехнолошки криминал на Вишото јавно обвинителство во Белград.

Од српското МВР посочуваат дека личните податоци на Интернет треба да се споделат само во исклучителни случаи, кога претходно ќе се провери валидноста на физичките или правните лица кои ги бараат податоците.

Претходна вестБез струја делови од Чаир и Аеродром
Следна вестНачевски и Николов ќе судат на квалификациите за ЛОИ во Париз