[Фото] Во Вевчани отворена трајната поставка „Патување низ природните богатства на Вевчански извори“

„Еко-свест“ во соработка со Општина Вевчани ја отвори трајната поставка за природа насловена „Патување низ природните богатства на Вевчански извори“. Поставката се наоѓа во Мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ во Вевчани и има за цел промоција на природните вредности на заштитеното подрачје Споменик на природа Вевчански извори и планината Јабланица, преку едукација и подигнување на јавната свест.

„Трајната поставка ќе биде и еден вид на едукативен центар при посета на Вевчани од основните и средните училишта со цел спроведување на еднодневни екскурзии, како и за туристите, студентите и сите љубители на природата. Трајната поставка треба да претставува и наша определба за заштита не само на Споменикот на природа „Вевчански извори“ туку и на целата планина Јабланица“, изјави Дарко Ќитаноски, локален проектен координатор на Еко-свест Вевчани.

Поставката е изработена и поставена како дел од проектот „Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природа Вевчански извори“ спроведуван од „Еко-свест“, – финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.

Фото: Еко-свест