МЗТ го има Војдан Стојановски: Во трилер-меч за прва полуфинална победа против ТФТ… (ФОТОГАЛЕРИЈА)

МЗТ Скопје Аеродром поведе со 1-0 во полуфиналната серија против ТФТ во битката за титулата во македонскиот шампионат, откако славеше на домашен терен во првиот меѓусебен натпревар.

„Металците“ во крајно израмнет меч дојдоа до триумфот благодарение на квалитетот на Војдан Стојановски кој беше одличен во клучните моменти. МЗТ имаше подобро прво полувреме од ТФТ кое го доби со 41-35.

Но, гостите максимално се вратија во вториот дел и влегоа во неизвесна завршница. На само 56 секунди до крајот, при 74-74, Војдан Стојановски постигна тројка која означи предност за МЗТ, за предност во финишот. На 19 секунди до „сирената“ Војдан имаше шанса и со уште една тројка да ја запечати победата на својот тим, но не успеа да погоди. Сепак, ниту гостите не знаеја да го искористат тоа, за на крај Делалиќ со два поени да ја заокружи победата на МЗТ. На крај, Калхун постигна тројка само за минимален пораз на ТФТ од 79-77.

Војдан Стојановски со 16 поени беше најефикасен кај МЗТ, а по 15 поени постигнаа Дамјан Стојановски, Танасковиќ и Делалиќ. Баковиќ мечот го заврши со 8 поени и 11 скока. Кај ТФТ не помогна ниту одличниот Ташовски кој мечот го заврши со 24 поени.

 

Се вчитува...