Петровиќ: Главен приоритет на „Жито лукс“ останува задоволувањето на потребите на потрошувачите и континуираното инвестирање во нови иновативни производи

од Vladimir Zorba

Жито Лукс, како лидер во пекарската индустрија, континуирано ги следи светските трендови и ги имплементира во својот производствен процес, со цел да ги задоволи потребите на потрошувачите, вели во краток разговор со „Локално“ Антоанела Петровиќ, маркетинг и шопер маркетинг директор и член на Управниот одбор во „Жито Лукс“, нашиот најголем производител на брашно и леб.

Во последниве години луѓето сѐ повеќе практикуваат поздрав начин на живот, што влијае и на промената на нивните прехранбени навики. Како одговарате на потребите на оваа група на потрошувачи?

-Како лидер на пазарот се трудиме секоја година да го збогатиме портфолиото со нови иновативни производи кои се во чекор со светските трендови во прехранбената индустрија. Тимот на „Жито Лукс“, составен од искусни технолози и нутриционисти интензивно работи на развивање нови лебови наменети за потрошувачите кои преферираат здрава и урамнотежена исхрана. Дополнително се трудиме, со постојана комуникација и нагласување на бенефитите од консумирање одредени типови на високо нутритивни лебови да придонесеме во создавање здрави навики. На секое лансирање на нов производ, претходи инвестиција во производствениот процес и негово модернизирање но и опсежно истражување на пазарот, тестирање на вкусовите со цел новите производи да ги адаптираме на вкусовите и преференциите на локалното население.

Кои се трендовите во вашата индустрија и како „Жито Лукс“ ги следи?

-Глобалниот пазар на леб и производи од леб доживува значителни промени поттикнати од менувањето на преференциите на потрошувачите и трендовите во исхраната. Здравјето, благосостојбата кои доаѓаат со консумирање производи базирани на здрави состојки, максимално искористување на нутритивните вредности на растенијата, производство на специфични традиционални рачно изработени лебови со разни хранливи додатоци се едни од клучните трендови што го обликуваат пазарот. Како што потрошувачите продолжуваат да бараат поздрави и поразновидни видови леб, се очекува дека пазарот ќе продолжи да се развива и да се прилагодува во насока на нивно задоволување.

Изминатиов период ја промовиравме новата линија интегрални лебови наречени 100% цело зрно наменети за луѓе со активен животен стил, спортисти и адолесценти како дополнителен извор на енергија, а поради нискиот процент на масти се препорачуваат и за одржување на витка линија. Интегралниот леб со 100% цело зрно од ’рж кој e направен како комбинација од интегрално пченично и ’ржано брашно, претставува богат извор на диететски влакна и е вистински избор за здрава и урамнотежена исхрана. Дополнително збогатен со пченични никулци, тој е вистински природен извор на витамин Е. Посипот од овесни снегулки ја зголемува неговата хранливост и го збогатува вкусот. Интегралниот леб – 100% цело зрно со семиња е направен од интегрално пченично брашно со додаток на сончогледово семе, семе од тиква и пченични никулци. Внимателно избраните состојки и додадените семиња претставуваат природен извор на витамин Е, Омега-3 масни киселини, протеини, витамини и минерали кои даваат енергија и чувство на ситост. Ваквиот состав го прави овој леб совршен дел од здравата и избалансирана исхрана.

Кафеавата боја на лебовите потекнува од обвивката на пченичното и јачменово зрно без додаток на вештачки бои. Покрај високата нутритивна вредност овие лебови се меки, вкусни и можат лесно да се комбинираат со секој оброк, а долготрајната свежина се постигнува со процесот на пастеризација без додавање на конзерванси. Би го споменала тука и Дија лебот наменет за дијабетичари што е подржан од Сојузот на Здруженија на дијабетичари на РСМ. Станува збор за 100% интегрален пченично-ржан леб што содржи недигестибилни јаглехидрати и помага за одржување нормално ниво на гликоза во крвта и како таков е погоден за лица со дијабетес.

Кој леб го јадат најмногу македонските граѓани, според податоците на вашата компанија?

-Во нашата земја, слично како и во целиот регион, лебот е најмногу консумиран од сите прехранбени производи. Последните податоци од Заводот за статистика велат дека во нашата земја во текот на 2021 година едно просечно семејство изело 255 килограми леб. Тоа е многу повеќе од европскиот просек но ние сме народ кај кој лебот е постојано присутен на трпезата и волшебно се комбинира со сите традиционални јадења, па овој податок е сосема разбирлив и очекуван. Традиционално, белиот и полубелиот леб на парчиња се најбарани и најпродавани производи од нашето портфолио.

На какви проекти ќе работите во 2024 година? Дали компанијата планира да воведе некакви иновации во понудата, или концептот?

-Нашата прва и примарна цел е да доставиме секој ден, во секое населено место, најдобар производ со највисок квалитет и да ги задоволиме потребите и очекувањата на нашите потрошувачи. И тоа е она што нѐ држи на пазарот 77 години како лидер во пекарската индустрија. Единствениот начин да се постигне ова е да се инвестира во луѓето и во производствениот процес. Во периодот 2023 и 2024 година вкупните планирани инвестиции се повеќе од 2 милиони евра наменети за реконструкција и модернизација на производствениот процес. Следејќи ги и понатаму најновите трендови во нашата индустрија, во план се повеќе нови производи не само кај лебовите туку и во останатите категории каде нашата компанија има значителен удел на пазарот. Со тоа ќе го прошириме постоечкото портфолио и ќе им понудиме на потрошувачите можност за поголем избор.

Исто така, сакам да напоменам дека како општествено одговорна компанија ќе продолжиме со организирање на разновидни активности и донаторски акции за помош на социјално загрозените семејства и граѓани. Свесни сме колку нашите производи им значат и ќе се трудиме, во рамките на нашите можности, секогаш да им излеземе пресрет. Годината пред нас е со многу планови, за нивна реализација потребна е напорна работа и посветеност, но свесни сме дека тоа е единствениот начин да ја одржиме и зајакнеме лидерската позиција на пазарот.

Редакција „Локално“

Слични содржини