Имам нешто да те прашам

Филарри: Музиката е уметност преку која најлесно се пребродуваат тешките емоции и најбрзо може да ве префрли од пеколот до рајот (Фото+Видео)

Тој е младо и симпатично момче. Има само 23 години и е вага во хороскоп. Не сака многу да говори за својот приватен живот. Како што и самиот вели од многу мал се интересира за музиката, но за жал малку доцна започнува со својата музичка кариера. Освен музичко училиште кое го завршува, тој се интересира и за музичка продукција и компонирање, а моментално студира Дизајн на звук и музичка продукција во Белград. Зад себе има неколку познати песни, а интересно е тоа што истовремено тој танцува и од уметноста и музиката создава вистински совршен емотивен перформанс.

Почитувани, во новогодишниот серијал на Музика24, ексклузивно и новогодишно познатиот српски поп пејач Филарри.

Уживајте!

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Филарри: Би започнал со почетокот на оваа година. Како нешто што ми остави трага, и што ќе остане мој најголем спомен за оваа година е мојот настап во Штарк Арената на MAC (Music Awards Ceremony), како и настапот на најголемиот и најпопуларен српски натпревар „Песна за Евровизија 2023“. Тоа беше самиот почеток на мојата кариера, а за краток период ми се случија две навистина големи работи и премногу сум горд поради тоа. Од друга страна, поминувавме низ страшни ограничувања и голема инфлација. Тоа се некои работи на кои како индивидуа не може да се влијае, што лично многу ме погодува и многу емотивно реагирам кога станува збор за такви работи. За да останам фокусиран и добро да работам на својата музичка кариера, фокусот го задржувам на музиката, со која сè е полесно и поубаво и со која многу полесно се надминуваат сите проблеми.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која песна според Вас ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Филарри: Многу од моите колеги објавија одлични проекти во 2023 година, без разлика дали се работи за синглови или албуми. Мислам дека 2023 година е на некој начин „come back” кога е во прашање музичката индустрија и компензација за изгубените две години додека владееше пандемијата. Некако чувствувам дека од 2024 година се може да продолжи нормално, затоа што оваа година беше навистина преплавена со одлични песни и многу е тешко да се издвои една. Албумите кои ја одбележаа 2023-та дефинитивно се: Теа Таировиќ – „Балерина“, Сара Џо – „Без контрола“, Јелена Карлеуша – „Алфа и Омега“, Александра Пријовиќ – „Девет животи“…

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно, како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Филарри: Многу сум многу еуфоричен за време на новогодишните и божиќните празници и јас сум главниот иницијатор кога е во прашање украсувањето на куќата и елката, а тоа е нешто во што навистина уживам. Мојата плејлиста на Spоtify е полна со празнична музика, која ме враќа во детството и оживува убави спомени. Она што најмногу ме нервира се гужвите во градот и трговските центри, но и покрај тоа уживам во празничната еуфорија.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок? 

Филарри: Обожувам да купувам подароци. Јас сум многу внимателен кога пазарувам и важно ми е секој да го добие токму она што го сака. Затоа, во текот на целата година внимавам на тоа што луѓето зборуваат и што сакаат, па на крајот не ми е тешко да изберам една од неколкуте работи што една личност сака и истата да ја направам среќна.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Филарри: Важно ми е луѓето да се чувствуваат добро во моето друштво и некои мои несигурности или проблеми, доколку постојат во тој момент, да не ги префрлам на другите. Мојот круг на пријатели е навистина мал и меѓу нас нема никакви тајни. Разговараме за се и секогаш сме тука да се советуваме и да најдеме решенија за различни предизвици. Секогаш сум искрен и понекогаш тоа не се зема на вистински начин. Јас сум таков и секогаш на убав начин ќе кажам каков е мојот став за разни теми, избор или постапки. Секако, постои граница и важно е да се преслушате, дали е нешто во ред да се каже во тој момент доколку е премногу грубо или ако треба да молчите и истото тоа да го оставите за следниот пат.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле или би посакале воопшто да не се случило?

Филарри: Хммм… Нема таква работа, ситуација или избор. Не сум некој што се кае за своите постапки, се сметам за совесна личност, па затоа нема кардинални грешки во мојот живот. Ми се допаѓа како созревам и во каква личност израснувам. Многу сум самокритичен и се трудам секогаш да го изнесам најдоброто од себе. Секако, направив многу грешки и има работи на кои не сум толку горд, но учам од сопствените грешки и поради тоа немам негативни емоции кон нив. Важно е луѓето да го сфатат ова и да разберат дека сè додека учат од своите грешки, тие всушност растат. Така да не би менувал ништо. Задоволен сум од себе и од мојот живот.

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно, дали денот го започнувате со песна и музика?

Филарри: Во последно време многу ја пеам песната „Lovin’ You“ од Minnie Riperton. Прекрасна песна, задолжително слушнете ја.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Филарри: Леле…, се сеќавам дека и кога бев помлад, долго време не верував во Дедо Мраз, иако денес верувам во многу работи кои на луѓето им звучат како да не се од овој свет. Како дете бев вистински истражувач и ништо не можеше да ми избега, вклучително и моите родители кои ставаа подароци под елката среде ноќ, за да ме пречекаат мене и брат ми наутро. Отсекогаш сум верувал во магија и сè уште верувам. Ме фасцинираше толку многу што морав да откријам сè. Така, многу рано сфатив дека Дедо Мраз навистина не постои хахаха (се смее).

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Филарри: Со оглед на тоа што списокот е веќе објавен, ќе ви се пофалам дека и оваа година учествувам на натпреварот „Песна на Евровизија“ во Србија. Тоа ќе биде мој втор деловен чекор во 2024 година. Пред тоа, на 5-ти јануари ќе објавам авторска песна, прекрасна балада за која ја напишав музиката, а текстот го потпишаа Saysi MC. Песната се вика „Прелепи убица“ и се надевам дека ќе ви се допадне. По ПЗЕ24 доаѓа нешто што засега не смеам да го откријам, но дефинитивно ќе изненади многу мои следбеници. Имам многу песни кои чекаат да бидат објавени, па предвидувам уште поработна година од минатата.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Филарри: Новата година ќе ја дочекам на планина со драги луѓе во интимна атмосфера.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Филарри: Колку повеќе стареам, толку повеќе сфаќам дека здравјето, љубовта и среќата се најважните работи во животот, а се останато ќе дојде. Ова е она што го сакам за моето семејство, пријателите и себеси.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Филарри: 2023 година за мене беше година на љубов. Љубовта е убава и многу важна работа. Би сакал луѓето кои ме следат и го читаат ова интервју навистина да го почувствуваат тоа. Сакам да се препуштат и да си дозволат да сакаат и да бидат сакани. Истовремено, им посакувам да слушаат добра музика, бидејќи музиката е еден вид уметност што може да ве однесе од пеколот во рајот за 3 минути. Размислете за тоа кога ќе ја изберете музиката што ја слушате, бидејќи можете да добиете духовно многу само со слушање квалитетна музика. Среќни празници!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: