До 22 отсто ќе се намали сивата економија

Нови сметководствени стандарди

32

Со воведувањето на меѓународните сметководствени стандарди, за две години сивата економија ќе се намали до 22%. Новите стандарди ќе стават крај на нелегалното работење на голем дел од стопанственици. Според Горан Рафајловски, претседател на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија  се влегува во нова ера и нов начин на размислување.

-Новите стандарди ќе значат намалување од 70.000 на 5.000 подносители на даночни пријави до Управата за јавни приходи што ќе значи многу поголем ред и подобра регулатива. Придобивките од функционирањето на едно развиено, модерно сметководство кое работи по меѓународни стандарди се големи и ќе ги почувствуваат сите, почнувајќи од самите сметководители на кои им се отвораат нови перспективи, преку компаниите кои добиваат функција која треба да ја зголеми нивната конкурентност и секако државата која добива алатка за професионална наплата на даноците – рече Рафајловски на Првата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители што денеска се одржува во Скопје

Претседателката на Институтот на сметководители и овластени сметководители, (ИСОС) Весна Прентоска, рече дека главна цел на Институтот е  да постави нови повисоки стандарди на професијата, интегритет и професионализам кои ќе го зголемат угледот и позицијата на професијата сметководител во општеството и нејзината значајност не само за бизнисот, туку за целото општество.

Претседателката на Советодавната група за поддршка на организациите на професионални сметководители во ИФАК, Јелена Мисита, посочи дека сите земји во регионот се веќе членки на ИФАК и додаде дека и ние можеме да го направиме тоа. Членовите на ИФАК, како што кажа, се обврзуваат да усвојат меѓународни сметководствени стандарди и да ја поддржат нивната имплементација, вклучувајќи ги и образовните стандарди за почетна обука, како и за континуиран професионален развој.

Имплементацијата на меѓународните сметководствени стандарди според директорката на УЈП, Сања Лукаревска, има огромно значење за работата на УЈП.

– Имплементирањето на меѓународните сметководствени стандарди ќе придонесе за да се продлабочи нашата соработка, а од друга страна да ни олесни и на нас како надлежен орган во делот на детектирањето на сето она што значи незаконито работење и во некој сегмент можеби даночно затајување – рече Лукаревска.

Претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова-Штериева, пак, посочи дека дел од банките во земјава кои се членки на странски групации одамна ги применуваат меѓународните сметководствени стандарди, а тоа го прават и другите банки кои не се членки на групации заради соработка со меѓународните институции.