ССМ ќе одржи првомајски протест со барања во првите 100 дена на новата влада

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) повика на првомајски протест на кој од идната влада ќе се бара враќање на исплатата на трошоците за храна и превоз и зголемување на платите во првите 100 дена. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов најави дека пораките од првомајскиот протест треба да бидат црвен аларм за сите оние кои ќе го очекуваат гласот на работниците на осми мај.

„Излегуваме на протест и на Први мај и ќе побараме враќање на трошоците за храна и превоз, право кое го изгубивме во 2009 година поради бруто системот за пресметка на плати. Ќе бараме зголемување на платите и тоа во првите 100 дена од новата влада, особено на минималната плата на најмалку 450 евра, онолку колку што истата изнесува во регионот за да не се доведеме во ситуација нашите граѓани, работниците, да градат туѓи економии и да работат за туѓи интереси“, рече Трендафилов.

Трошоците за храна и превоз кои ССМ бара да се вратат во пресметките за плата, изнесуваат 20 отсто од просечната плата. Според сегашните пресметки, ако од минималната плата се одбијат овие трошоци и давачките кои сега се плаќаат, излегува дека работниците кои имаат минимална плата, работат за 14.000 денари.

„Сметаме дека трошоците за храна и за превоз треба да се вратат во платите на работниците ако имаме предвид дека 22.500 е минималната плата од месец март, доколку ги пресметате трошоците за храна и за превоз, согласно даночните ослободувања, ќе видите дека немате плата ниту 14.000 денари“, рече Трендафилов.

„Да не се лажеме, ако не излезете на протест нема да добиеме ништо. Колку ќе дојдеме, колку ќе излеземе на протест, толку и ќе добиеме. Доколку очекувате во наредните пет години некој кога ќе ја води државата да ве слушне, сте се излажале. Денеска е моментот кога треба да излезете на улица и да кажете што барате од сите тие кои очекувате да ја водат државата“, повика Трендафилов.

Протестот Ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и ќе заврши пред Владата каде работниците ќе ги упатат пораките.