Зајкова: Гоце Делчев треба да нѐ обединува како народ, а не да нѐ дели

Гоце Делчев како визионер, идеолог и најистакнат македонски револуционер треба да нѐ обединува како народ, а не да нѐ дели. Да не дозволиме неговото дело да се валка со дневно-политички тензии кои не оддалечуваат од неговата кауза дека: „Светот е поле за културен натпревар меѓу народите”, вели претседателката на ЛДП Моника Зајкова.

– Сепак светот денес не е ист со тој во кој живеел Делчев, а неговите идеали не се целосно остварени. Сведоци сме дека и модерниот свет не е имун на војни, конфликти, тензии и кризи од најразличен карактер, а полето за културен натпревар се стеснува и многу често станува арена на некултура, додава таа.

Зајкова вели дека ние треба секојдневно да му се поклонуваме, да ја негуваме солидарноста и да ги живееме идеалите на Делчев за да покажеме дека тие можат и денес да бидат еднакво актуелни и прогресивни, како и пред повеќе од еден век, а чествувањето на неговиот роденден да не обединува во мислата, идејата и почитта едни кон други.

– Делчев е револуционер чие дело се основа на најзначајните општочовечки концепти за слобода, правда и рамноправност. Роден е во Кукуш, но тој бил и учител во Ново Село, една од најстарите населби во Штип кој имал важна улога во будењето на националната свест и инспиратор на државноста, додава таа.

Зајкова порачува историјата да се остави настрана од дневната политика.

Во чест на 151 година од раѓањето на големиот македонски револуционер Гоце Делчев делегација на Либерално-демократска партија положи цвеќе на неговото вечно почивалиште во црквата Св. Спас и во училиштето во кое предавал во Штип.