21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако да си ги вратиме вредните занаетчии од туѓина?

Како да си ги вратиме вредните занаетчии од туѓина?

Со зголемувањето на бранот на иселување на квалификувани занаетчии од Македонија, новата влада се соочува со сериозен предизвик: како да ги врати овие вредни работници назад во земјата?

Водоинсталатерите, гипсарите и плочкарите се само некои од професиите кои се во дефицит во домашната градежна индустрија, а според најновите информации, на Македонија во моментов ѝ фалат околу 10.000 квалификувани работници.

Според извештаите, многу од овие занаетчии заминуваат за Европа во потрага по подобри услови за работа и плати.

Оваа тенденција не само што го кочи развојот на бизнисот во Македонија, туку и создава притисок врз градежните компании кои се борат да најдат квалификувана работна сила.

За да се справи со овој проблем, новата влада би можела да разгледа неколку стратегии, советуваат експертите.

„Прво и основно, треба да се понудат повисоки плати и подобри услови за работа. Зголемувањето на платите и подобрувањето на условите за работа може да биде клучен фактор за привлекување на занаетчиите да се вратат повторно дома. Второ, преквалификација и доквалификација. Обуката и преквалификацијата на невработените може да помогне во пополнувањето на празнините. Да се воведат и субвенции за занаетчиите, односно за оние кои се враќаат или започнуваат со стари занаети – коментираат познавачите.

Дали новата македонска влада, додаваат тие, ќе успее да ги врати занаетчиите дома зависи од нејзината способност да ги препознае и да ги адресира нивните потреби и очекувања.

„Со целосна посветеност кон оваа проблематика и со воведување на конкретни мерки, може да се создаде поволна средина за враќање на овие вредни работници и за поттикнување на економскиот раст и развој на земјата“, велат економистите.

Македонија, во изминативе 20 години, ја напуштиле речиси 200.000 луѓе, пред сè работоспособно население.

Познавачите на пазарот на трудот велат дека најголем дел од градежните работници и занаетчии, во последниве години, заминале за Словенија, која им нуди повисоки плати и можност за продолжување на дозволите за престој и за добивање словенечко државјанство.

Само во последните 10 години, над 4.700 Македонци добиле статус на постојан престој во оваа држава, односно се откажале од македонското државјанство и станале Словенци.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП