УНИЦЕФ: Повеќе од 13.800 деца се убиени во Газа од почетокот на војната

Повеќе од 13.800 деца се убиени во Газа од почетокот на војната, соопшти извршната директорка на Фондот за деца на обединетите нации (УНИЦЕФ) Кетрин Расел, пренесува Данас.

„Покрај тоа, илјадници деца се повредени, а илјадници се на работ на глад“, рече Расел на прес-конференција во Њујорк.

Во посебна изјава, Комитетот на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените изјави дека „на секои 10 минути во Газа, едно дете е убиено или повредено“ и дека повеќе од 10.000 жени се убиени во Газа од почетокот на војната, а 19.000 деца останале без родители.

Специјалистката за комуникации на УНИЦЕФ, Тес Инграм, која неодамна ја посети Газа, рече дека најмногу ја погодило бројот на ранети деца што ги видела.

„Најлошо од сè, не ги видов само во болниците, туку и на улиците и во нивните импровизирани засолништа“, рече Инграм.

Ужасната статистика од ден на ден се влошува, па денеска беше објавено дека во текот на ноќта во воздушен напад на населба во Рафа загинале најмалку 10 членови на едно семејство, меѓу кои пет деца на возраст од 3 до 16 години.