Над една милијарда евра од фондовите на ЕУ се потрошени за прием на украински бегалци

 – Европската Унија потроши повеќе од една милијарда евра за прием на украинските бегалци и нивна интеграција на пазарот на трудот и во системот на социјална помош, се вели во новиот извештај на Европската комисија објавен денес.

Специјалниот советник на Европската комисија за Украина, Лодевијк Ашер, го претстави извештајот „Интеграција на луѓето кои бегаат од Украина во ЕУ“ на прес-конференција во Брисел, главниот град на Белгија.

Според тоа, 1,097 милијарди евра од кохезионите фондови на ЕУ биле „репрограмирани за решавање на ситуацијата“ создадена од масовниот прилив на украински баратели на азил, особено за да им се обезбеди домување, образование и социјална поддршка, како и нивна интеграција на пазарот на трудот.

Европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансон изјави дека 16 милиони Украинци влегле во ЕУ од почетокот на војната во февруари 2022 година.

„Единаесет милиони се вратија во Украина, околу еден милион отидоа во други земји, главно во Велика Британија и Соединетите Американски Држави“, објасни Јохансон.

Таа додаде дека во моментов четири милиони Украинци живеат во земјите на Европската Унија.

Јохансон потврди дека „постои голем притисок врз некои земји членки“, бидејќи тие мора да ги интегрираат Украинците во нивното општество и на пазарот на трудот.

„Полска и Германија прифатија еден милион Украинци, додека Естонија и Чешка имаат уште поголем сооднос по глава на жител“, изјави комесарката.

„Потпишани се повеќе од 1,3 милиони работни договори со луѓе од Украина, иако многу од нив работат на работни места за кои е потребно пониско ниво на образование и вештини“, изјави еврокомесарот за работни места и социјални права, Николас Шмит.