Дончиќ се повреди, прв меч во НБА-кариерата завршен со нула поени

Далас стигна до значајна победа од 95-99 на гостувањето против Феникс, но во таборот на маверикс владее страв и неизвесност чекајќи ја дијагнозата по повредата на Лука Дончиќ.

Се играше четвртата минута кога словенечката суперѕвезда случајно ја нагази ногата на еден противнички кошаркар и го повреди скочниот зглоб, со болна гримаса упатувајќи се кон соблекувалната и повеќе не враќајќи се на теренот. Дончиќ до тој момент немаше ниту една реализација, па синоќешниот дуел ќе остане запишан како прв на кој Словенецот настапил, но не успеал да се запише меѓу стрелците. Најефикасни во негово отсуство беа Динвиди со 36 и Фини Смит со 18 поени.

Драматично беше во Бостон, каде домашниот тим по продолжение од пет минути загуби од Њујорк со 117-120. Ова беше трет пораз во низа за Бостон, за кој главен виновник беше Џејлен Браун, промашувајќи две слободни фрлања во самата завршница. Рендл со 37 поени беше лидер на Њујорк, а на Бостон не му помогна ниту одличното издание на Тејтум, кој оствари дабл-дабл од 35 поени и 14 скокови.

Резултати НБА:

Бостон – Њујорк 117-120 (по прод.), Бруклин – Детроит 122-130, Шарлот – Чикаго 111-96, Хјустон – Кливленд 95-113, Феникс – Далас 95-99, ЛА Клиперс – Сан Антонио 138-100.

Се вчитува...