Во рамките на поранешната касарна во Охрид ќе се гради најголемиот рекреативно-авантуристички парк во Југоисточна Европа. Според проектот е предвидено да се изградат два типа паркови, односно едниот за деца од училишна возраст, а другиот за возрасни лица.

– Таму веќе се одвиваат подготвителните работи, по што следува поставување на реквизитите. Паркот е направен според ЕУ стандарди и ќе користи еден од најбезбедните системи за ваков тип на активности. Безбедноста во паркот е на високо ниво и уживањето на корисниците на рекреативниот авантуристички парк е големо и најважно неговата изградба нема никакво негативно влијание врз животната средина и дрвјата – вели градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков.

Главната цел на проектот е подобрување и проширување на туристичката и спортска понуда, со цел привлекување на странски и домашни посетители и групи, нудејќи им единствено катче за спорт, рекреација и дружење.

– Тоа значи нова активност на свеж воздух, со ново искуство за посетителот – потенцира Пецаков.