Студиото е опремено со современа опрема за создавање и уредување на медиумски проекти, а во практичната работа со студентите по новинарство, како што изјави деканот на Правниот факултет, Сашо Георгиевски, учество ќе земат новинари од земјава
На Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје денеска беше отворено студио во рамки на Центарот за иновации во медиумите, чија цел е подобрување на практичната настава на студиите по новинарство и привлекување на поголем број на студенти на оваа катедра.

Проектот е поддржан од Амбасадата на САД во земјава во соработка со Волтер Кронкајт школото за новинарство и масовни комуникации при Државниот универзитет во Аризона.
„Ќе ја задржиме европска традиција на теорија, но ќе ја засилиме со американската теорија на вештини“,
порача на денешниот настан професорката Јасна Бачовска-Недиќ, која е и раководителка на Центарот за иновации во медиуми.
Студиото е опремено со современа опрема за создавање и уредување на медиумски проекти, а во практичната работа со студентите по новинарство, како што изјави деканот на Правниот факултет, Сашо Георгиевски, учество ќе земат професионални новинари од земјава.

„Проектот дојде во време кога ние самите сериозно размислувавме што да правиме со новинарските студии. Новинарските студии одат надолу, нема интерес за нив. Јас сум сигурен дека преку Центарот, на идните генерации ќе им понудиме практична работа со учество на наши посветени пријатели, професионални новинари кои ќе ни помагаат да ги унапредуваме студиите. Целта на проектот е поширока, преку работата на центарот да ја покренеме свеста за значењето на новинарската професија“,
порача деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на денешното отворање на студиото.
Зборувајќи на настанот, американската амбасадорка Анџела Агелер порача дека покрај правосудството, медиумите се еден од клучните аспекти на поддршката на Соединетите Држави.

„Сите знаеме дека новинар посветен на вештини и знаење е неопходен. Добро новинарство е нешто што сите можеме да го препознаеме. Структурите и платформите на медиумите се сменети драматично. Преку ова студио, ќе се креираат профили на новинари и ќе се инспирираат идните генераци и тие што се посветени да бидат пример за вистинито и транспарентно известување“,
рече Агелер.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, пак, отворањето на студиото го оквалификува како многу значаен чекор за осовременување на студиите и новинарството воопшто, но и пресвртница која ќе донесе креативност, истражување и иновации во медиумскиот свет.

Од настанот се обрати и Дон Гилпин од Волтер Кронкајт школото за новинарство и масовни комуникации на Државниот универзитет во Аризона, од каде што порача дека новоотворениот Центар ќе служи како сврзно ткиво помеѓу Универзитетот, професионалните новинарски капацитети и јавноста
„Ако не ги разбираме технологиите тогаш ќе им служиме на луѓето кои ги разбираат и користат. Продукти како овој и целата програма што се случува се клучни за градење силно општество. Значајно е за факултетот кој ќе ги користи овие технологии за унапредување на учењето. Овој Центар ќе служи како сврзно ткиво помеѓу Универзитетот, професионалните новинарски капацитети и јавноста“,
порача Гилпин.