Бесими купи граѓанска обврзница, ја подарува на ќерка му

Граѓанските обврзници се нов финансиски инструмент на домашниот пазар. Износот на една обврзница е 10 000 денари, а каматната стапка е пет проценти, со рокот на доспевање две години

Министерот за финансии Фатмир Бесими, отпочнал процес на купување граѓанска обврзница од 10 000 денари. Вели дека гестот е симболичен, а целта му е да го илустрира процесот на инвестирање и придобивките.

„1. Поднесов барање до банката за купување хартии од вредност – ‘Граѓанска обврзница’,

2. Банката ќе ме извести за резултатот од аукцијата што ќе се одржи на 13 јули 2023 година,

3. Сопственоста на граѓанските обврзници ќе се евидентира во Депозитарот за хартии од вредност на 20 јули 2023 година.

Оваа инвестиција од 10 000 денари се очекува две години по ред да ми носи принос од 500 денари, и тоа на 20 јули 2024 година и истиот датум во 2025 година, кога ќе ми биде вратена вложената вредност од 10 000 денари“,соопшти министерот.

Бесими смета дека со инвестицијата симболично ќе придонесе за развојот на земјата со проекти финансирани од буџетот. Обврзницата ѝ ја подарува на својата ќерка.

„Граѓанската обврзница е инвестиција и за идните генерации – затоа истото ѝ го подарам на Аурела, мојата 14-годишна ќерка, како нејзина прва инвестиција за подобра иднина на нејзината татковина! Со цел да избегнам било каков конфликт на интереси поради мојата јавна должност како министер за финансии и со овластувања за одлучување при издавање на хартии од вредност со цел финансирање на буџетот, најавувам дека нема да учествувам со дополнителни инвестиции во граѓански обврзници додека ја извршувам оваа јавна должност. Ви благодарам на разбирањето! Ве поканувам и Вие да бидете дел од овој важен развоен процес на земјата, кој ви нуди и лична благосостојба со сигурни и поволни инвестиции!“,порачува првиот човек на финансии.

Граѓанските обврзници се нов финансиски инструмент на домашниот пазар.

Износот на една обврзница е 10 000 денари, а каматната стапка е пет проценти, со рокот на доспевање две години.

„Тоа значи дека ако граѓанин инвестира во 10 обврзници односно 100 000 денари, на рокот на доспевање ќе добие 5 000 денари, наредната година уште 5 000 денари или вкупно 10 000 денари на инвестицијата“,кажа претходно Бесими, при промоција на обврзниците.

Back to top button
Close