Илон Маск е арогантен милијадер, вели австралискиот премиер

87
EPA-EFE/TOLGA AKMEN

Австралискиот федерален суд и нареди на платформата X, во сопственост на Илон Маск, да ги отстрани видеата од нападот во асирската црква во Сиднеј, во кој беа избодени свештеник и тројца верници. Судот тоа го направи на предлог на австралискиот комесар за електронска безбедност, кој апелираше до судот да воведе забрана за емитување насилен материјал.

Платформата X соопшти дека одлуката на судот не е во согласност со австралискиот закон, додавајќи дека тие веќе ги блокирале твитовите од австралиските корисници кои објавувале сцени со прободувањето, но австралискиот комесар за електронска безбедност рече дека содржината треба целосно да се отстрани од мрежата X бидејќи на нив може да се види експлицитно насилство.

Американскиот милијардер Илон Маск денеска го критикуваше австралискиот премиер Ентони Албанезе за ваквата одлука, оценувајќи дека секоја таква одлука значи дека државата може да го контролира „целиот интернет“.

Маск во меѓувреме објави меме во кое ја обвинува владата за цензура.

Албанезе денеска за Еј-Би-Си изјави дека Маск е арогантен милијардер кој мисли дека е над законот и пристојноста.

Независен интернет регулатор минатата недела им се закани на X и другите компании за социјални медиуми со високи казни доколку не ги отстранат видеата од нападот со нож во црквата Христос Добриот Пастир, кој полицијата го прогласи за терористички чин.

X тврдеше дека оваа одредба не е во опсегот на австралиското право. Регулаторот потоа побара судска забрана за објавување на спорните снимки, а набрзо дојде до расправија на социјалните мрежи и во медиумите.

„Би сакал да го искористам овој момент за да му се заблагодарам на премиерот што ѝ посочи на јавноста дека оваа платформа е единствената што ја покажува вистината“, напиша Маск. Тој претходно ја критикуваше австралиската комесарка за безбедност на Интернет, Џули Инман Грант, опишувајќи ја како „австралиски комесар за цензура“.

Албанезе застана во одбрана на Инман Грант, велејќи дека таа ги штити граѓаните на Австралија.

– Социјалните медиуми мора да бидат и општествено одговорни. Тоа не е случај со Маск“, додаде тој. X мора да ги отстрани спорните снимки во рок од 24 часа по одлуката на судот.