Шолц ги повика Германците да се „држат заедно“ во соочувањето со економските проблеми

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги повика во саботата сонародниците заедно да се соочат со економските проблеми коишто ја потресуваат Германија, особено со инфлацијата и најави дека ќе биде одржан состанок со експерти во насока на настојувањата да се одговори на тоа прашање.

„Мораме да се фатиме за рацете и да се држиме заедно…“, изјави Шолц во видео-подкаст додавајќи дека растот на цените е голем проблем кој „со право“ мачи многу граѓани.

„И поради тоа мораме да дејствуваме заедно“, порача Шолц.

Канцеларот ги повика синдикатите, работодавците, централната банка и академиците, евоцирајќи ги напорите од 1960-те и 1970-те години, да разговараат за тоа што треба да се стори.

Кампањата на германската влада под мотото „Усогласена акција“ започнува во понеделник во кабинетот на канцеларот.

Другите можни инструменти во справувањето со кризата ги вклучуваат предлогот на министерот за труд Хубертус Хеил, кој сака годинашна парична помош за самците кои месечно заработуваат помалку од 4.000 евра бруто и на брачните двојки кои заедно заработуваат помалку од 8.000 евра месечно.

„Само поголемите плати и социјалните надоместоци можат одржливо да им ја надоместат штетата на луѓето со средни и ниски приходи. Од еднократните исплати, од друга страна, за многумина нема полза“, изјави за новинската агенција DPA, Марсел Фратцшер, претседател на Германскиот институт за економски истражувања (DIW).