Премиерот Христијан Мицкоски имаше средба со Јован Костадинов кој во трагедијата што се случи при пожарот во Кочани спаси 21 живот.
“Денес се сретнав со Јован Костадинов, млад човек од Виница, кој во најтешкиот миг покажа што значи храброст, одговорност и човечност.

Јован, со само 19 години, влезе во запалениот објект во Кочани и спаси 21 живот. Без размислување, со голема присебност и посветеност, тој направи нешто што малкумина би се осмелиле да го сторат.
Јован не е само херој на оваа трагедија, тој е симбол на една нова генерација која знае да направи разлика. Од неговиот чин се учи како да се биде човек, како да се биде достоинствен и несебичен во моментот кога тоа најмногу значи.
Бев информиран дека ќе биде доделена стипендија за Јован Костадинов, како знак на признание за неговата храброст и човечност. Алкалоид, како општествено одговорна компанија, ја презеде оваа иницијатива и на тој начин покажа дека ги препознава и вреднува ваквите светли примери. Благодарност до сите што помагаат во овие тешки моменти за државата и народот.
Јован е светла точка во деновите на темнина. Неговото име ќе остане запаметено, а неговиот пример треба биде уште поголема инспирација за да бидеме подобри, посилни и похрабри граѓани на нашата Македонија”, изјави премиерот Мицкоски.
