Илјадници корисници пријавуваат падови на „Teams“ и „Outlook“, Мајкрософт истражува што е проблемот

Мајкрософт соопштија дека го истражуваат проблемот со кои се соочија илјадници корисници на нивните производи низ светот, меѓу кои и падови кои се случија на видеоконференциската платформа „Teams“ и мејл платформата „Outlook“.

Од компанијата информираа дека проверуваат за „проблеми кои влијаат на повеќе „Мајкрософт 365“ услуги“, во кои се вклучени и програмите како Ворд и Ексел.

Продуктите на „Мајкрософт 365“ имаат милиони корисници низ светот, а илјадници од нив утрово пријавуваа дека се соочуваат со проблеми на сајтот „Downdetector“. Меѓу засегнатите биле корисници и од САД, Велика Британија, Австралија и Бразил, кои покрај програмите од овој „Мајкрософт 365“ пакет се соочиле и со падови на системот за видеоигри на „Xbox“ како и клауд платформата „Azure“.

Минатата недела Мајкрософт соопшти дека отпушта 10.000 вработени, што е нешто под 5% од вкупниот број на нивниот број на вработени. Тие како причина за ова намалување на работната сила ја наведоа слабоста на глобалната економија и промена на приоритетите на нивните корисници пост пандемијата со Ковид-19.