Тошковски: Илјадници полициски службеници вршат несебична и благородна работа, надвор од удобноста на домот и семејството

од Nikola Popovski

Денеска (07.05.2024) во паркот во општина Аеродром (авион) се одржа централната манифестација по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, на која присуствуваа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев, раководството на Министерството за внатрешни работи, како и членови на Владата на Република Северна Македонија и членови на дипломатскиот кор.

Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и оваа година ја продолжува убавата традиција започната минатите години – Денот на полицијата да се одбележува заедно со граѓаните согласно мотото Полицијата во служба на граѓаните, па така по официјалниот дел следуваше забавен дел со голем број популарни изведувачи и презентација на опрема на разни полициски единици и дружење на граѓаните со полицијата.
Свое обраќање на свечената церемонија имаше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Денешниот ден ви е посветен вам. Вие сте луѓето кои секојдневно ги ризикуваат своите животи за да ја заштитат заедницата во која живееме, за да ја направат Македонија подобро и побезбедно место за сите. Буквално секој ден, без престан, во секој град, низ целата земја илјадници полициски службеници вршат несебична и благородна работа, надвор од удобноста на домот и семејството, во непредвидливи услови и често опасни ситуации, во постојана пресметка со криминалот – за да ги заштитат граѓаните, за да ја зголемат безбедноста во државата. Впрочем, во темелите на она што денес е македонската полиција вградени се животите на многу наши колеги, пријатели, блиски, како огромна морална и човечка обврска за сите нас, подеднакво важна како и градењето перспективна иднина за поколенијата што доаѓаат”, рече министерот Тошковски во своето поздравно обраќање пред гостите.

Тошковски истакна дека полициската служба, во целосен широк смисол, односно беспрекорното извршување на нејзините надлежности и задачи е суштествено за секоја држава која претендира да биде сигурна, стабилна и просперитетна.

„Ние денес живееме во време кое што од нас бара да бидеме вистински и доследни чувари на законитоста, на редот и поредокот, на сигурноста и безбедноста на секој наш граѓанин. Тоа е огромен мотив, што не попусто го нагласувам на овој величествен празник на припадниците на Министерството за внатрешни работи”, рече министерот, додавајќи дека сега е време кога не е прашање дали полицијата треба да биде на висина на задачите туку како, кога и колку ќе биде ефикасна во остварување на сите задачи, време кога заветите и заклетвите мора да се испочитуваат до крај – професионално, посветено, исполнително.

Слични содржини