Што е направено до сега во рамки на Отворен Балкан, тој донесе многу придобивки

До сега се завршени неколку „домашни задачи“, а се однесуваат на олеснување на транспортот, движењето на луѓето, отворање на пазарот на трудот...


Една од придобивките на иницијативата е и зелена линија на граничните премини за превозниците

 

Во деновите кога се прават првите процени од отворањето на пазарот на труд меѓу Македонија, Србија и Албанија, една од придобивките на Отворен Балкан, Бујар Османи, министер за надворешни работи во техничката Влада чиј главен мандат е организирање фер и демократски избори, најави дека на владина седница ќе бара повлекување на нашата земја од оваа регионална иницијатива. Со ова, темата Отворен Балкан уште повеќе влезе во предизборната кампања за претстојните претседателски избори, откако претходно и друг кандидат за претседател, Арбен Таравари, се произнесе за напуштање на иницијативата.

Наспроти ваквите заложби на двајцатa претседателски кандидати, Отворен Балкан продолжува да ја продлабочува соработката меѓу Македонија, Србија и Албанија. И за Османи и Таравари, како причина за ставањето клуч на Отворен Балкан се односите меѓу Србија и Косово, односно, инцидентот во Бањска на северот од Косово, кога имаше пресметка со парамилитарни српски структури, и кој придонесе да се вжештат односите меѓу Приштина и Белград, но и со влијание врз поширокиот регион.

Но, што е она што е до сега постигнато во рамки на Отворен Балкан и што може да се фрли во вода и дали тие придобивки може да бидат проблематични или спорни за која било од трите држави, вклучувајќи ја и нашата? 

Во периодот од промовирањето на иницијативата уште во 2019 година која почна како „Мини Шенген, и подоцна нејзиното крштевање во Скопје во јули 2021 година, до сега се завршени неколку „домашни задачи“ кои беа поставени како цели, а се однесуваат на олеснување на транспортот, како и движењето на производите и луѓето, го отворија пазарот на трудот, а донесоа и други опипливи придобивки за граѓаните, со што директно се влијае врз развојот на туризмот и економската соработка, како што се зелените ленти на границите за брз проток на транспортерите и воведувањето заеднички М-Таг на патарините.

Една од  придобивките од оваа иницијатива e воспоставување на регионален пазар помеѓу земјите членки на иницијативата. Во рамките на Отворен Балкан потпишани се договори со кои се воспоставуваат заеднички гранични премини и овозможено е пократко време на задржување на камионите на граница.

Проценката е дека на овој начин ќе се „заштедат“ над 30 милиони часови, кои инаку се губат чекајќи на граничните премини.

Дополнително постигнат е напредок во подобрување на деловната клима во целиот регион со потпишување на договори за взаемното признавање на одобренијата за Овластен економски оператор (ДВП). Воспоставени се Зелени коридори, со што е обезбедено производите и услугите побрзо да стигнат до пазарите во регионот.

Веројатно една од најголемите придобивки на Отворен Балкан е можноста граѓаните на трите држави, Македонија, Србија и Албанија, да бараат работа рамноправно со локалните жители, а не како странци.

Иако времето за посериозни анализи е кусо, бидејќи оваа можност по долги подготовки стапи во сила од почетојкот на март, сепак, според податоците објавени во медиумите, до почетокот на април годинава 2.239 граѓани побарале ИД број на Отворен Балкан за слободен пристап до пазарот на трудот на Србија, Македонија и Албанија.

Отворањето на пазарот на трудот, не беше без отпори во трите држави. Бизнисмените кај нас стравуваа дека поради повисоките примања, пред сѐ во Србија, би можеле да останат без кадрите, кои и онака сѐ повеќе се дефицитарни.

Постапката за добивање ИД број за работа во Отворен Балкан е овозможена преку националните портали за електронска управа, каде што се креира сопствен матичен број на Отворен Балкан, што е предуслов за поднесување барање за слободен пристап до пазарот на труд во Македонија, Србија или Албанија.

Земјата на дестинација по проверка донесува конечна одлука, а најдоцна во рок од 30 дена од датумот на поднесување на барањето. По добивањето на одобрението, заинтересираниот граѓанин од трите земји на ОБ може да се вработи, под исти услови како и секој локален граѓанин на државата, до две години, а по истекот на овој рок може да го продолжи одобрението, кое воедно преставува и одобрение за престој и работа.

Исто така, во изминатиот период беа направени и конкретни чекори за забрзување на цариските и другите постапки кои треба да ги олеснат процедуурите и да ја зголема трговската размена меѓу трите држави. Така, на граничните премини има посебни ленти наменети за транспортерите кои превезуваат  производи.

На интернет страницата на македонската влада, таксативно се наброени и иницијативите кои трите држави ги преземаа во рамки на Отворен Балкан, како основање заедничка агенција за привлекување инвестиции на Отворен Балкан, промоција на регионот како атрактивна туристичка дестинација и врвно винско и гастрономско поднебје, основање на регионален театарски фестивал на Отворен Балкан, основање на регионален филмски фонд на Отворен Балкан, организација на регионални младински размени, школи и фестивали, намалување и отстранување на надоместоците и даноците што произлегуваат од постапката на прекугранично движење на луѓето, стоките или услугите итн.

До сега, во рамки на Отврен Балкан се потпишани повеќе меморандуми и спогодби кои што овозможија заживување на иницијативите, како што се Протоколот за меѓусебно поврзување на шеми за електронска идентификација на граѓаните, потоа Протоколот за имплементација на договорот за услови за слободен пристап до пазарот на труд, Меморандум за разбирање за соработка во областа на туризмот, Меморандум за разбирање за соработка на даночните администрации, Меморандум за разбирање за културна соработка, Договор за соработка на Западен Балкан во областа на меѓусебното признавање на дипломи и научни оценки издадени од високообразовни институции и други овластени институции, Договор за заштита од катастрофи, Договор за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храната и добиточната храна и фитосанитарноста…

Некои од видлите придобивки изминатиот период е на пример, овозможени со овие документи е помошта за гаснењето на пожарите во Македонија во 2021 годиан, потоа взаемното помагање при снабдувањето со храна, струја и енергетски ресурси во екот на енергетската криза и кризата со цените на храната.

Една од дејностите која што ги поврзува земјите е винарската индустрија. Така, на саемот „Винитали“ што е во тек во Верона во Италија заедно настапуваат производителите на вино од трите земји и на него се претставуваат над 240 различни вина од Македонија, Србија и Албанија.

Станува збор за еден од водечките саеми за вино и алкохолни пијалоци со силно меѓународно присуство на кој се присутни околу 4.400 компании од 30 земји кои ги изложуваат своите производи за време на 4-дневниот саем на вино, а тука се и повеќе од 93.000 вински бизнис-оператори од над 140 земји. Од страна на „Винитали“, веќе е најавено дека под покровителство на владите на Србија, Северна Македонија и Албанија, како дел од иницијативата Отворен Балкан, Wine Vision by Open Balkan од 22 ноември до 24 ноември 2024 година ќе се организира саем за вино во Белград, Србија. Претходното издание на овој саем беше домаќин на повеќе од 750 винарии.

Една од слабостите на Отворен Балкан е што остана на само три држави од регионот, и покрај заложбите иницијативата да се прошири и на другите земји од западен Балкан, па и пошироко. Исто така, се водат дебати дали е воопшто потребна ваква иницијатива, кога веќе постои слична во рамки на Берлинскиот процес, во која се вклучени сите држави од регионот.

И покрај отпорите, Отворен Балкан, донесе придобивки, кои би можеле да бидат и поголеми, доколку односите меѓу државите се порелаксирани.

Она што паѓа в очи е тврдењето на Османи и на Таравари дека еден од иницијаторите на Отворен Балкан, албанскиот премиер Еди Рама, го прогласил проектот за затворен. Сепак, тоа  не е така. Говорејќи на конференцијата за крајот на годината во Тирана, Рама рече дека никогаш не изјавил дека го „затворил Отворениот Балкан“ и дека тоа е смешен израз.

„Јас кажав нешто сосема друго, дека Отворен Балкан ја исполни својата мисија во тој контекст, но дека самата иницијатива е иницијатива како другите, а тоа не го отворам или затворам од мене“, рече Рама, посочувајќи дека никогаш не ја прогласил иницијативата Отворен Балкан за затворена и дека неговите претходни изјави биле погрешно разбрани.