Деспотовски бара оставки од раководството на СДСМ веднаш, а не одложени

За првиот чекор кон овие одлуки треба само храброст кај врвот да се прифати реалноста на овој пораз. Не ни требаат условени оставки, вели Јован Деспотовски


Јован Деспотовски (Фото: Б.Грданоски)

 

Еден од повидните членови на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јован Деспотовски, кој е и актуелен директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ), денеска побара оставки од раководството на СДСМ веднаш, а не со одложено дејство и условени. Во писмена изјава упатена до медиумите Деспотовски вели дека за првиот чекор кон овие одлуки треба само храброст кај врвот да се прифати реалноста на овој пораз.

Ноќеска медиумите ја пренесоа најавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека ќе поднесе оставка од партиската функција која ќе се ефектуира кога и другите од партиското раководство ќе го направат истото. Изјавата на Деспотовски доаѓа и по објавата на Фејсбук на вицепремиерот Бојан Маричиќ дека ќе се вложи во заздравувањето и реформите на СДСМ.

„Како членови на СДСМ носиме огромна одговорност нашата опција, идеја, цел да опстои и да постои и понатаму. Денес сме им потребни на нашите членови и поддржувачи, но и нас самите, ама… веќе утре ќе ѝ бидеме потребни на државата, на сите наши сограѓани. За носење на брзи и квалитетни одлуки ни треба итна сериозна анализа, која не треба да се одолговлекува. Но, за првиот чекор кон овие одлуки треба само храброст кај врвот да се прифати реалноста на овој пораз. Не ни требаат условени оставки кои ќе се ефектуираат доколку и другите си поднесат оставки. Секој да почне од себе без да го чека партискиот другар до него. Само така овој процес на промена нема де трае предолго, а штетата нема да стане ненадоместлива“, вели Деспотовски во изјавата во врска со вчерашниот изборен резултат.

Деспотовски исто така посочува дека на членовите на СДСМ и на поддржувачите, денес им е повеќе од потребен консолидиран и свесен СДСМ.

„Сите се тажни, разочарани, но и уплашени од повторување на некои лоши работи од некои не така далечни минати времиња. Силен и реформиран СДСМ може и мора да ги заштити. Силен и реформиран СДСМ ќе биде надеж за сите граѓани“, вели Деспотовски.

Тој нагласува дека вчеравечер била пропуштена огромна шанса да се направи првиот чекор кој, како што вели, почнува со одговорност, со име и презиме, почнувајќи од врвот.

„По статутот, тоа ќе отвори веднаш простор за поширока анализа на причините за овој пораз. За одговор на прашањата: Каде исчезна онаа енергија од пред 7 години? Дали ветивме многу работи, а малку исполнивме? Каде се стопи довербата и како се загуби сета онаа надеж кај луѓето? Признанието дека имаме огромен проблем е прв чекор за негово надминување“, вели Деспотовски.

Инаку, Деспотовски во 2021 година, по повлекувањето на Зоран Заев од лидерската позиција во партијата, се кандидираше за претседател на СДСМ директно соочувајќи се со сегашниот претседател Димитар Ковачевски. Тогаш кандидатури поднесоа и Фросина Ременски и Властимир Алексовски.

Фатмир Битиќи е еден од четворицата потпретседатели на СДСМ. Во неговата изјава вели дека како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучил да поднесе оставка од функцијата потпретседател на партијата.

„Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот“, изјави Битиќи.

Бојан Маричиќ, секретар за меѓународна соработка во СДСМ, денеска на Фејсбук објави дека како социјалдемократи, како прогресивни и принципиелни политичари, оставаат во наследство подобра држава од онаа која ја затекнале, но не доволно добра за очекувањата на граѓаните.

„Ние како опозиција ќе бидеме постојано тука за потребите на развојот, да иницираме но и поддржиме тоа што им треба на граѓаните, да поддржиме европски реформи, да споделиме искуства, но и да критикуваме и да се бориме за демократија, слобода и социјална правда доколку новата власт се дрзне да се репризира себеси како во годините пред 2017.

Покрај тоа, јас лично, со цел свој капацитет, со цела своја енергија, посветеност и знаење, ќе се вложам во заздравувањето и реформите на СДСМ како партија која искрено ја сакам и со гордост и припаѓам, бидејќи во овој момент каузите за кои целиот свој живот сум се борел се загрозени и со ослабена подлога и база“, се вели во постот на Маричиќ.

Оставка од функцијата потпретседател на СДСМ денеска поднесе Перо Костадинов по синоќешниот катастрофален резултат на парламентарните избори.

„Почитувани граѓани и драги сопартијци, по изборните резултати, поднесувам оставка од мојата партиска функција, потпретседател на СДСМ. Најважни се слободата, мирот и напредокот на Македонија. Граѓаните, денес гласаа на демократски избори, и на слободен начин ја изразија сопствената волја. Како држава, можеме да продолжиме напред само преку заедништво и добронамерност. Потребни ни се внатрешни и надворешни партнерства, силни институции и интеграција на земјата во ЕУ. Сонот за подобар живот дома е на сите нас“, порача Костадинов.

Исто така и дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска на својот Фејсбук профил објави дека се повлекува од функцијата претседателка на форумот на жени на СДСМ. Таа потенцираше дека од партиските структури се повлекува целосно одговорно и самосвесно, со сигурност дека не ја изневерила довербата која и беше дадена.

Синоќа, партискиот лидер Димитар Ковачевски, во обраќање до јавноста по спроведените парламентарни и претседателски избори, рече дека резултатот за СДСМ е разочарувачки и поразителен и најави длабоки реформи во партијата на сите нивоа, кои како што посочи, треба да овозможат консолидација и враќање на довербата кај граѓаните. (Н.В.)