ЕЕА: Многу од климатските ризици во Европа веќе достигнаа критични нивоа

Европа е континент кој најбрзо се загрева, а климатските ризици ја загрозуваат нејзината енергетика, безбедноста на храната, екосистемите, инфраструктурата, водните ресурси, финансиската стабилност и здравјето на луѓето, се наведува во извештајот на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) објавен денеска, пренесува Н1.

Според агенцијата, многу од овие ризици веќе достигнале критични нивоа и би можеле да станат катастрофални без итна и решителна акција.

„Екстремните горештини, сушата, шумските пожари и поплавите што ги доживеавме во последниве години во Европа ќе се влошат, вклучително и во оптимистичкото сценарио за затоплување на климата и ќе влијаат на животните услови на целиот континент“, напиша агенцијата во соопштението, презентирајќи го и нејзиниот прв извештај за проценка на климатските ризици во Европа.

Студијата наведува 36 водечки климатски ризици за Европа, од кои 21 бараат итна акција, а осум итен одговор.

На прво место меѓу нив се ризиците поврзани со екосистемот, главно поврзани со морињата и брегот.

На пример, комбинираните ефекти на морските топлотни бранови, закиселувањето и осиромашувањето на кислородот во морињата и другите антропогени фактори како што се загадувањето и риболовот, што го загрозуваат функционирањето на морските екосистеми, се вели во извештајот.

„Тие можат да влијаат на значителна загуба на биолошката разновидност, вклучително и масовно истребување“, се додава во извештајот.

ЕЕА смета дека приоритет е европските влади и граѓаните едногласно да ги препознаат ризиците и да прифатат дека треба да направат повеќе и да дејствуваат побрзо.

„Треба да направиме повеќе, да имаме посилни политики“, рече Ила-Мононен.

Сепак, агенцијата призна дека е постигнат „значаен напредок“ во разбирањето и подготовката за климатските ризици.

За ЕЕА, најизложените зони се на југот на Европа – пожари, недостиг на вода и нивните ефекти врз земјоделското производство, влијанието на топлината врз работата и здравјето на отворено, а и во пониските крајбрежни области кои се загрозени од поплави и ерозии.

Сепак, не е поштедена ниту северна Европа, нагласува оваа институција и укажува на неодамнешните поплави во Германија и шумски пожари во Шведска.