Разговор со тимот на АРХРИД

 

Во неколку наврати досега ги имаме претставено АРХРИД – релaтивно нов стручен колектив кој се фокусира на архитектурата и урбанизмот на градот Охрид. Нивното делување во голема мерка е компатибилно со целите на МАРХ, што нѐ поттикна да започнеме и официјална соработка.

Во тој контекст би сакале да ги претставиме нашите пријатели преку денешното интервју каде разговараме за нивните цели, структура и идни планови.

 

 

  • Од каде дојде идеjата за овој архитектонски колектив? Како започна АРХРИД?

Првото појавување на АРХРИД како ентитет се случува во вид на соло проект уште во 2019, кога фотографски се документираат урбани сцени од Охрид. Колективниот момент е зачнат поради незадоволството околу рушењето на ресторан „Парк“, дело на арх. Павел Балабан, објект кој припаѓаше на низата успешни архитектонски остварувања од втората половина на 20 век во Охрид. Инспириран од оваа случка, колективот АРХРИД е замислен како отелотворување на секојдневните разговори за архитектурата и градот, за урбаната средина, правците на развој на градот и нивно артикулирање во форма на колективен стручен став. Идејата е со здружени сили постепено да се подигнувава свесноста на секој жител на градот за вредностите на архитектурата, особено акцентирајќи го она што е градено во пост-воениот период, со цел да се избегне и преостанатите објекти од овој период да ги снајде истата судбина како ресторанот „Парк“. Во 2022 година АРХРИД се регистрира како здружение и ја започнува со првиот реализиран настан „Разговори за Касарна“.

 

 

 

 

  • „Разговори за Касарна“ беше настан кој го отвори прашањето за планирањето на идниот развој на поранешната касарна „Михаило Апосотоловски“ во Охрид. Тој е во рамките на вашата цел да актуализирате некои заборавени места низ Охрид. Но, кои се општите начела на вашиот колектив?

ЕДУКАЦИЈА и ПРОМОЦИЈА, односно подигнување на свеста за архитектонските и урбанистичките вредности на градот и презентација на истите на начин лесно разбирлив за сите граѓани, што подразбира организација на настани, предавања, изложби и слично.

ЗАШТИТА на постојното културното наследство, како и препознавање и вреднување на архитектонското творештво и урбаните фрагменти со фокус на новиот дел на градот. Чувствуваме дека овој дел од градот е запоставен и недоволно (воопшто?) третиран од страна на институциите за заштита, а истиот претставува секојдневие за жителите на Охрид.

УРБАНИ ИНТЕРВЕНЦИИ за активација на просторот помеѓу изграденото (објектите) и неизграденото (заеднички, јавен, зелен или сив простор), кои ќе градат врска со современите текови во архитектурата – како продолжение на затекнатите ретки примероци на урбана опрема кои ги сретнуваме на јавните површини во новиот дел на градот (за жал повеќето во голема мера оштетени / деградирани).

ФОРУМ како инкубатор на идеи и предлози, размена на информации, материјали и поттикнување на конструктивни критички дискусии на актуелни теми, чие креирање е можеби најважната цел на колективот, а се однесува на здружување на сите стручни лица од областа на архитектурата и урбанизмот кои сметаат дека на било каков начин можат да придонесат за оформување на стручна јавна критичка мисла.

 

 

 

 

  • АРХРИД е самостојно стручно здружениe, едно од малкуте примери во полето на архитектурата во Македонија. Каква улога треба да играат ваквите стручните здруженија во комплексниот процес за обликување на нашите градови?

По дефиниција урбанизмот е дисциплина која се бави со јавното добро. Во таа насока, носењето на ваквите одлуки кои ги засегаат сите жители на градот, а во најчест случај тоа се урбанистичките планови, мора да бидат донесени во консултација со пошироката јавност, но сметаме дека транспарентноста на овој процес постои само технички. Тргнувајќи од тука, стручните здруженија може да се согледаат како дополнителен актер во овој процес, како мост помеѓу донесувачите и граѓаните, кои од една страна со својата стручност треба да ги демистифицираат овие процеси за јавноста, но од друга страна да влијаат врз самите одлуки и да соработуваат со оние кои ги држат конците во свои раце. Тука некаде помеѓу институциите и граѓаните го гледаме и АРХРИД како стручно здружение кое ќе ги вложи сите свои капацитети во насока на презентирање и дообјаснување на планираниот иден развој.

 

 

 

 

  • Урбанистичките процеси во Македонија имаат многу маани. Кој од овие лоши трендови сметате дека е најголема закана за Охрид?

Се работи главно за игри на индивидуални интереси, (најчесто) за еднократен профит, со кои се остава неизбришлива трага на градот. Наместо да се испланира идниот развој од најкрупниот размер во којшто се согледува целата територија на градот вклучувајќи ги и околните населени места, па градски четврти и нивната меѓусебна поврзаност, па дури потоа да се стигне до планирање на урбаните блокови и на крај до конкретни градежни парцели, во Охрид се чини дека овие процеси тргнуваат наопаку. Изминатиов период ја разгледувавме годишната програма на Општина Охрид со која се донесуваат 72 планови/дополни/измени на планови по приватна иницијатива. Токму ваквиот обратен процес е најголема закана за Охрид. Наместо да се створи една целовита слика на градот со соодветна регулација и неопходна инфраструктура, на крај се добива збир на индивидуални желби за иден развој на поединечни градежни парцели. Оваа постапка според нас се коси со појдовните принципи на урбанистичкото планирање, кои зборуваат за планирање од колективното кон индивидуалното.

 

 

 

 

  • Што после „Разговорите за Касарна“? Во која насока се развиваат вашите идни планови и идеи?

„Разговори за касарна“ е отворена тема на која продолжува да се работи. Локацијата ќе биде предмет на работа во рамки на наставата за јавно домување и културен центар при Факултетот за Архитектура и Дизајн при UACS Skopje, што на крај ќе резултира со изложба и презентација на студентските трудови.

Паралелно, дел од нашиот колектив е вклучен во изработка на стручни анализи кои се однесуваат на веќе изготвената физибилити студија за изградба на катна гаража во центарот на Охрид. Оваа активност е во соработка со здружението „Инклузија“.

Во пошироките планови влегуваат голем број идеи и активности. Фактот што до сега не е преземено ништо на ова поле укажува на тоа дека се отворени најразлични правци за идно дејствување. Една од првите идеи е појасно толкување на плановите кои се ставаат на јавна анкета пред нивно донесување од страна на Општината со цел да поттикнеме поактивно учество на засегнатите граѓани. Ќе ставиме фокус на презентација на веќе изработени студентски трудови кои опфаќаат различни локации во градот Охрид, а во план се и остварувања на идни соработки со сите активни чинители во градот кои на било каков начин придонесуваат во полето на архитектурата и урбанизмот.

 

 

 

 

 

  • Дали веќе размислувате и за некои други објекти или зони кои би сакале да ги актуелизирате?

На нашите состаноци константно произлегуваат предлози за објекти и зони во Охрид кои би биле можни теми на обработка и актуелизација. Пред сѐ како ентузијасти, но и како жители кои поминале / поминуваат голем дел од своето секојдневие во најразличен дел од градот, секој од нас е емотивно приврзан со одредено место или објект и чувствува потреба од некакво делување со цел актуелизирање на истото. Замислата е интерно во форумот константно да течат дискусии на различни теми и од тука да произлезат објекти или зони кои ќе бидат предмет на разработка на колективот.

 

 

 

 

  • Вие сте веќе голем тим, а минатата година формиравте и официјално здружение на граѓани. Која е вашата структура, колку ве има вкупно и дали сте отворени за нови членства?

Иако при самите почетоци замислата беше неформално здружување на група архитекти кои заеднички би делувале на полето на архитектурата и урбанизмот, самото официјализирање на здружението наметна некаква построга организација на структурата, што на подолг рок се покажува неопходно со цел тековна распределба на работните обврски. Како органи на здружението се: Собрание, Управен одбор, Стручни комисии и Форум. Собранието како највисок орган го бира Управниот одбор со мандат од две години, додека пак Управниот одбор понатака ги носи сите поважни организациски одлуки како што е формирањето на поодлелни комисии кои треба да работат на зададена тема. Форумот е орган на здружението кој е константно отворен за нови членови (во моментов брои околу 40-тина членови) и всушност од тука произлегуваат сите насоки на понатамошно делување на колективот.

 

 

 

 

  • Како би можеле заинтересирани лица да се приклучат на вашиот колектив?

Повикот за учество во Форумот е отворен, апликацијата може да се најде на нашиот веб-сајт и на нашиот Facebook профил. Воедно, ги покануваме сите архитекти и урбанисти кои се заинтересирани да ни се придружат. Замислата на Форумот има и социјален карактер, меѓу другото, неговата цел е и запознавање, дружење и соработка помеѓу колегите.

Линк до формуларот за зачленување

 

 

 

Автор на статија:

/