30-ДНЕВЕН ПРИТВОР ЗА СЕДУМТЕМИНА НАЧАЛНИЦИ И ИНСПЕКТОРИ ОД СВР ШТИП И ОД КОЧАНИ, КОИ ДАЛЕ ПОЗИТИВНО МИСЛЕЊЕ ЗА ДИСКОТО „ПУЛС“ ДА ДОБИЕ ЛИЦЕНЦА ВО 2023

    30-ДНЕВЕН ПРИТВОР ЗА СЕДУМТЕМИНА НАЧАЛНИЦИ И ИНСПЕКТОРИ ОД СВР ШТИП И ОД КОЧАНИ, КОИ ДАЛЕ ПОЗИТИВНО МИСЛЕЊЕ ЗА ДИСКОТО „ПУЛС“ ДА ДОБИЕ ЛИЦЕНЦА ВО 2023Со изготвување и потпишување на незаконски документи, овие службени лица придонеле да се случи катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје вечерва им одредија мерки притвор по 30 дена на секој од уапсените 7 началници и инспектори од СВР Штип и од Полициската станица Кочани која е под ова СВР. Сите се осомничени за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност, за кое е пропишана затворска казна од три години до 20 години. Седумтемина доцна попладнево беа спроведени во Основниот кривичен суд Скопје, бидејќи за лица со полициски овластувања постапува исклучиво Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

    За дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која на 16 март  во пожар загинаа 59 лица од кои тројца малолетници, а 178 се повредени, имало пријави во полиција за кривични дела и нарушување на јавен ред и мир, но и покрај тоа во 2023 година била издадена лиценца, а полициските службеници кои денес се уапсени дале позитивно мислење дека ги исполнува сите услови. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната прес-конференција кажа дека службените лица вработени во СВР Штип и Пoлициската станица на Општина Кочани изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа

    Според она што го кажа денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, првиот, како главен инспектор за сообраќајни работи во Одделението за полиција во СВР Штип, и вториот, како самостоен инспектор за планирање резервен состав, превенција и справување со кризни состојби, констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај. Третиот, како началник на Одделение за полиција во СВР Штип, и четвртиот како началник на СВР Штип, одобриле и потпишале известување до Министерството за економија во кое е констатирано дека кабарето ги исполнува законските  услови и со тоа што не извршиле целосна проверка пред да го издадат мислењето сториле незаконитост.

    Петтиот, како документарист во Полициска станица на Општина Кочани, изработил телеграма во која не навел точни податоци дека во близина на кабарето има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, додека шестиот како заменик-командир и седмиот како началник на Одделение за внатрешни работи Кочани, иако знаеле дека има повеќе нарушувања на јавен ред и мир во кабарето и во близина на кабарето, ја потпишале и одобрилетелеграмата. Со тоа, како службени лица не постапиле согласно прописите и мерките за заштита и не извршиле целосна проверка и со тоа предизвикале опасност по животот на луѓето.

    Со изготвување и потпишување на незаконски документи придонеле да се случи катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Се работи за лиценцата издадена во 2023 година.

    Досега притвор е одреден за 25 лица, а денеска беше приведено и едно одговорно лице во Министерство за економија.

    Судијата го прифати предлогот на ОЈО и на сите 7 осомничени, им определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т. 1, 2 и точка 3 кај одредени осомничени, односно опасност од бегство, поради околности кои укажуваат дека ќе ја попречат истрагата со влијание врз сведоци и околности кои укажуваат дека може да го повторат делото. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

    Тошковски денеска кажа дека досега е откриена уште една фалсификувана лиценца за дискотека во Скопје.

    Од 59-те загинати во трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, 43 се од Кочани, по пет лица се од Скопје и Штип, тројца од Пробиштип, двајца загинати се од Виница и едно лице е од Струмица. Повредени се 178 лица, од кои 64 се во државните болници во Македонија, 13 се во приватните болници, a во моментов 101 пациент се лекува во странство.

    Загинатите ќе бидат погребани на 20 март во Кочани и другите градови.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира