СБ на ОН го осуди терористичкиот напад во концертната сала во Москва

од Vladimir Zorba

Во петокот, Советот за безбедност на Обединетите нации го осуди „грозоморниот и кукавички терористички напад“ во концертната сала „Крокус Сити Хол“ во Москва.

Членовите на СБ изразија длабоко сочувство до семејствата на жртвите и рускиот народ, а на повредените им посакаа брзо и целосно закрепнување.

Советот за безбедност посочи дека овој напад потврдува дека тероризмот во сите негови форми и манифестации претставува една од најсериозните закани за меѓународниот мир и безбедност, се вели во соопштението дадено на иницијатива на Русија, кое го објави првиот заменик постојан претставник на Русија до ОН Дмитриј Полјански на неговиот канал Телеграм, пренесе ТАСС.

Членовите на Советот за безбедност ги повикаа сите земји активно да соработуваат со Русија за да се изведат пред лицето на правдата сите поврзани со терористичкиот напад во „Крокус Сити Хол“ во согласност со нивните обврски според меѓународното право и релевантните резолуции на Советот за безбедност, се вели во соопштението.

Слични содржини