Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари испрати отворено писмо до амбасадорите на ЕУ и САД. Текстот ви го пренесуваме во целост:

Почитуван амбасадор на Европската Унија, Дејвид Гир,

Почитувана амбасадорка на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер,

Почитувани амбасадори на земјите членки на Европската Унија акредитирани во Скопје,

Искористувајќи ја смиреноста на овој зимски викенд, Ви се обраќам преку ова отворено писмо да ве замолам заедно да кренеме западен фронт за европеизација на земјата, а не со празни пароли на политичарите од кои граѓаните на државата се уморни и разочарани и кои што масовно ни бегаат кон Европа, туку со конкретни акции за решавање на нивната главна грижа која што ги потопи и последните надежи дека во оваа земја некогаш може да биде добро за нив и за идните генерации.

Оваа нивна, моја, но, и ваша грижа е чумата на корупцијата која ја зафати секоја пора на општеството, особено во врвот на власта каде партиските апаратчици се недопирливи. Тие се недопирливи, бидејќи партизираната и корумпирана правда им гарантира имунитет, дури и во случаите што ги отвори Организацијата на Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) за злоупотреба на милиони со парите на европскиот даночен обврзник.

Поминаа 4 години откако поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски (СДСМ), беше фатен како заговара коруптивен тендер вреден 7 милиони евра финансиран од Европската банка за обнова и развој.

Исто така поминаа и 4 години откако поранешниот државен секретар на Министерството за информатичко општество и администрација, Јахи Јахиу (ДУИ) беше фатен како прима поткуп од 40.000 евра за да намести тендер вреден милион евра од ИПА фондовите.

Пред речиси 3 години беше откриено дека директорката на Агенцијата за европски образовни програми, Лидија Димова (СДСМ), злоупотребила стотици илјади евра од Еразмус+ фондовите и други европски образовни програми, на име на грантови за обука на магариња, коњи и фризерство. Истата го обвини нејзиниот претходник, Дарко Димитров (ВМРО-ДПМНЕ), дека во периодот 2016-2019 година злоупотребил 2,2 милиони евра од Еразмус+ коруптивно префрлувајќи ги на некои криминални здруженија.

Здравиот разум би рекол дека Северна Македонија, како земја која чека да ги отвори преговорите за членство во Европската Унија, со парите на европските даночни обврзници ќе ги решеше овие случаи на корупција со најголем приоритет, за да испрати порака дека земјата применува политика на нула толеранција кон злоупотребите на европските фондови.

Вистината е сосема поинаква. Повиците на извештаите за прогресот/напредокот, за конечни пресуди во случаите на корупција на високо ниво остануваат мртва буква и сите овие корумпирани функционери шетаат слободно.

Ова е најдобрата слика за заробениот правосуден систем. И покрај милионите вложени во судството и обвинителството од страна на ЕУ и САД, партизираните и корумпирани судии и обвинители им обезбедуваат неказнивост на високите функционери на политичките партии. И кога неказнивоста е правило дури и кога се злоупотребуваат европските фондови, што да очекуваат нашите бизниси и граѓани кога им се прекршуваат правата или им се наметнува поткуп од државните функционери?

Како земја која има за цел да влезе во ЕУ, Северна Македонија треба да го има владеењето на правото како примарна цел. На европскиот даночен обврзник и инвеститор мора да му се гарантира европски стандард во правото: Судот во Тетово и Судот во Велес мора да гарантираат иста примена на европските закони како Судот во Франкфурт или Судот во Мадрид. Во спротивно, членството на земјата во ЕУ нема смисла и Северна Македонија не може да стане Европа.

Затоа, почитувани амбасадори на пријателските западни земји, ве повикувам заеднички да ги засукаме ракавите и да и објавиме војна на партизацијата на правдата и на корумпираните на секое ниво на власт.

Решението е едноставно и со некои од вас детално го имам дискутирано во рамките на пакетот за владеење на правото што го подготвија експертите на Алијанса за Албанците. Според нас, борбата против криминалот и корупцијата на високо ниво треба да се фокусира на три главни оски:

  1. Ветинг во правосудството, во политиката и во администрацијата.
  2. Конфискација на незаконски стекнат имот.
  3. Дуплирање на инвестициите во правосудството и институциите за борба против корупцијата за да се обезбеди нивната независност и ефективност.

Предлозите на Алијанса за Албанците за владеење на правото колку што се  неопходни толку се и применливи, доколку постои политичка волја внатре и надвор. Времето за дејствување е сега.