„Трубадур“ од Верди во режија на Иван Поповски ги отвара МОВ на 9 мај


Фото: Б. Грданоски

Реномираниот македонски режисер Иван Поповски, со успешна кариера во Русија, ја поставува операта „Трубадур“ од Џузепе Верди, со чија премиера ќе се отворат 52. Мајски оперски вечери (МОВ) на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ).

„За првпат имаме можност да соработуваме со Поповски. Посебно ни е драга соработката со Иван, како наш врвен светски режисер“, велат од Операта.

Диригент ќе биде Енрико Довико (Италија), сценографијата ја работи реномираниот Миодраг Табачки од Србија, костимите Марија Пупучевска, а кореографијата Саша Евтимова.

Во операта „Трубадур“ ќе учествуваат Зоран Сотиров, Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Сања Анастасиа (Србија), Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски, Јане Дунимаглоски, како и Хорот и Оркестарот на НОБ.
 

Последен пат Поповски во Македонија режираше во 2015, кога во МНТ ја постави претставата „Мајсторот и Маргарита“ од Михаил Булгаков. Во 2017 дојде во Скопје со фестивалот „Иван се враќа дома“ со три негови исклучително скапи и технички комплицирани претстави, во продукција на матичниот театар „Мастеркласаја на П. Фоменко“.

Поповски живее и работи во Москва повеќе од две децении. Роден на 2 мај 1969 во Скопје. Беше примен на театарска режија на Државниот институт за театарска уметност (ГИТИС) во 1988 година. Дипломираше во 1993 година, во класата на познатиот руски режисер Пјотр Наумович Фоменко.

Негови претстави во „Мастерскаја“ се: „Авантура“ од М. Цветаева (1991), „Балаганчик“ според А. Блок (Москва/Париз 1994), „Отровната туника“ од Н. Гумиљов (2002), „Носорог“ од Е. Јонеско (2006), „Алиса зад огледалото“ според Л. Керол (2010) и „Сон на летната ноќ“ од В. Шекспир (2015), „Моли Свини“ (2020).

 

Во поново време, Поповски го постави „Идиот“ од Ф. Достоевски во ЗКМ во Загреб, Хрватска (2012), повторно операта „Евгениј Онегин“ од П.И. Чајковски во СНГ Марибор, Љубљана, а потоа и „Мртви души“ од Н. В. Гогољ, во Драмата на истиот театар во Марибор.

Во земјава, тој досега ги има поставено претставите „Macedoine: Одисеја 2001“ (2001), – копродукција на Драмски театар Скопје, МНТ Скопје, Народен театар од Битола, фестивалите Охридско лето и МОТ. Со оваа претстава, премиерно одиграна на 12. 07. 2001 година, се отвори реставрираниот Антички театар во Охрид; „Дневникот на лудиот“ од Н.В. Гогољ (2001), независен проект на продукцијата на Бајруш Мјаку; „Мајсторот и Маргарита“ од М. Булгаков (2015) во МНТ Скопје.

За своите врвни уметнички достигнувања, Иван Поповски низ годините беше наградуван со највисоки признанија: наградата на Московската секција критичари за најдобра претстава на годината „Врв на сезоната“ (1992), наградата за најдобра претстава вон конкуренција на фестивалот „Контакт“ (1993) и гран-при на фестивалот BITEF во Белград (1997) за претставата „Авантура“, гран-при на фестивалот „Сплитско лето“ за претставата „Роберто Зуко“ (2002), „Наградата на градот Москва во областа на литературата и уметноста“ (2009) во категоријата „Музичка уметност“, за создавањето на трилогијата „П.С. Мечтаења“, „Апсинт“ и „Четири годишни времиња“ во Театарот на Камбурова, потоа наградата „Кристална Турандот“ (2009), наградата „Музичко срце на театарот“ (2010), наградата „Златен Витез“ (2008, 2010). Иван Поповски е лауреат на Националната театарска награда „Златна Маска“ во номинација на „најдобра претстава од голем формат“ за претставата „Сон на летната ноќ“ (2016).