Македонија
Пендаровски: На 24 април заокружете број 1 за стабилност во следните пет години
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски попладнево беше со жителите на општините Чашка и Свети Николе.
Заблагодарувајќи им се за масовното присуство, Пендаровски истакна дека имајќи предвид дека во изминатите пет години постојано бил меѓу своите сограѓани, тие знаат за што се залагал и знаат дека така ќе продолжи и во следниот мандат. Во оваа насока Пендаровски посочи на двете големи придобивки за земјата во последните неколку години, односно членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ.
„Затоа овие избори се многу важни. Не смееме да дозволиме да се врати претходната власт. Постигнавме добри договори, се смиривме и се договоривме со соседите. Тие сакаат одново да преговараат и да изгубиме уште 10-15 години. До тогаш овие деца што ги гледаме тука ќе заминат од Македонија”, подвлече Пендаровски.
Говорејќи дека како претседател не ги дискриминирал луѓето по ниту една основа и не ги делел на наши и на ваши, Пендаровски ги повика граѓаните на Чашка и на Свети Николе масовно да гласаат уште на првиот круг од изборите.
„Дајте да продолжиме со истите овие луѓе. Не ни треба пак да се караме внатре меѓу нас или пак да се караме со соседите. Мојот слоган е ,,Нашиот претседател” затоа што јас сум ваш, вие сте мои, сите сте наши”, подвлече Пендаровски.
На прашање од присутните во однос на обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од изборите, Пендаровски одговори дека нема потреба да бојкотира зошто ќе ги добие изборите.
Граѓаните побараа коментар и околу изјавите на Гордана Силјановска-Давкова дека е неопходна реформа на Уставот.
„Јас мислам дека нејзината изјава е многу поопасна. Значи, тие три години како политичка партија се борат против промена на Уставот, да не биле Бугарите дел од преамбулата на Уставот. Но госпоѓата не зборува за тоа. Таа зборува за нов Устав, внимавајте зборува за граѓански Устав. Дали во тој граѓански устав како што го нарекуваат ќе има воопшто место за Македонците? Според мене тоа е многу опасна идеја освен ако госпоѓата не се потруди да објасни што подразбира под нов, граѓански Устав” одговори Пендаровски.
Во рамки на изборниот караван вечерва Пендаровски ќе одржи централен митинг во Велес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ахмети најнеомилен, а Димитриевски ги надмина Мицкоски и Ковачевски по популарност, според последните анкети
Според објавената анкета на Центарот за aнкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт, Максим Димитриевски е политичарот за кој 48 отсто од испитаниците во земјата дале позитиво мислење. Од нив, 33 отсто се изјасниле дека имаат позитивно мислење и 15 проценти многу позитивно. За Христијан Мицковски позитивно се изјасниле за три проценти помалку испитаници, односно 45 отсто, а 46 проценти имаат негативно или многу негативно мислење. Димитар Апасиев 31 процент го оцениле позитивно, а 54 проценти од испитаниците имаат негативно или многу негативно мислење за него.
На листата на омилени политичари во земјата, според објавеното, Максим Димитриевски го презема приматот.
За Димитар Ковачевски само 23 проценти од анкетираните граѓани имале позитивно мислење, а дури 68 проценти од испитанците за него искажале негативно или многу негативно мислење. Али Ахмети и Арбен Таравари имале позитивна оценка од 19 проценти, со тоа што кај Ахмети 10 проценти се изјасниле дека имаат многу позитивно мислење, 9 позитивно, а кај Таравари 5 проценти се со многу позитивно, 14 со позитивно мислење.
„Од податоците изнесени во анкетата може да се заклучи дека најнеомилен политичар во Македонија е Али Ахмети за кого 72 отсто од испитаниците рекле дека имаат негативно или многу негативно мислење за него, а за Арбен Таравари 68 отсто рекле дека имаат негативно или многу негативно мислење, исто како за Димитар Ковачевски.
На прашањето дали би го поддржале приклучувањето кон ЕУ доколку денес се одржи референдум, 68 отсто од испитаниците одговориле позитивно. Но, 47 проценти од нив се сомневаат во сериозните намери на Европската Унија да им понуди членство на земјите од Западен Балкан.
Испитаниците во Македонија членството во НАТО го оценуваат како позитивно за што се изјасниле 70 отсто од испитаниците, од кои 32 отсто како многу позитивно и 38 проценти позитивно.
Повеќето испитаници, 55 проценти, одговориле дека знаат што е иницијативата „Отворен Балкан“, а 48 проценти ја поддржуваат“, информираат од партијата на Максим Димитриевски.
Резултатите од анкетата, според објавеното, покажале дека 78 проценти од испитаните граѓани во земјата сметаат дека државата оди во погрешен правец. 90 проценти од анктираните граѓани се изјасниле дека корупцијата ја сметаат за сериозен проблем, од нив 72 отсто рекле дека е многу сериозен, а 18 сериозен проблем.
Крадењето и лошото менаџирање се оценети како основен тип на коруптивно однесување со 26 проценти, а потоа доаѓа работењето во личен наместо во интерес на граѓаниете со 25 отсто. Како најкорумпирани се оценети поличарите, 26 отсто, а потоа судството со 23 проценти. Корупцијата преовладува на државно ниво, 48 отсто, а на локално ниво неа ја перцепираат 11 проценти од ипитаниците.
Граѓаните сметаат дека нема искрена намера во институциите за борба против корупцијата. Па, така, 59 проценти оцениле дека ја нема во судството, 50 проценти во парламентот, исто толку сметаат дека ја нема
и кај премиерот, а 42 процента кај претседтелот. Во однос на медиумите, 11 од испитаниците рекле дека се слободни, а 42 отсто дека се делумно слободни.
Информирањето за политички прашања најмногу оди преку телевизиите за што се изјасниле 52 процента од граѓаните, а преку оцијалните медиуми само 20 отсто. Податоците за истражувањето се собрани од 2 февруари до 5 март 2024 година од 1.220 возрасни испитаници во Македонија.
Македонија
Ѓорѓиевски и Ганиу испија кафе во Чаршијата: обајцата очекуваат вистински партнер во новата влада
Со пријателски разговор, кафе и баклава градоначалникот и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, беше пречекан во Старата чаршија од градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Средбата се одвиваше во рамките на серијата посети на сите општински раководства, кои имаат цел дискусија на темите што ги засегаат граѓаните и изнаоѓање соодветни решенија за нивните проблеми.
„Со градоначалникот Ганиу дебатиравме за сработеното, но поголемиот дел од времето беше посветено на проблемите што настанале поради опструкции од страна актуелното раководство на Градот. Беа издвоени приоритетите – целосна реконструкција на булеварот Цветан Димов и на улицата Џон Кенеди, решавање на сообраќајниот хаос со изградба на катни гаражи за што, како што истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, е убеден дека градоначалникот на Чаир ќе најде начин да ги реши, но и дека заеднички ќе изнајдат решенија и за другите општински и градски проблеми и покрај немањето слух од страна на Градот. Оптимизмот потенцира дека се должи на тоа што Скопје и сите општини ќе имаат вистински партнер во новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а игнорантскиот однос од изминатите години ќе остане во минатото“, соопштија од кабинетот на Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски рече дека имал пријателско кафе во Ганиу во срцето на Скопје.
„Сакам да изразам огромна благодарност за прекрасниот пречек во Старата скопска чаршија. Секогаш уживам тука бидејќи бидејќи Чаршијата има посебен дух и го чува мултикултурното наследство на разни цивилизации, ги обединува и Македонците, и Албанците, и Турците и сите во нашето прекрасно Скопје. Како претседател на ЗЕЛС, со Ганиу разговаравме за неговата досегашна успешна работа во изминатите две години, но и за проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Скопје. Како и секоја општина на територијата на град Скопје, така и Општина Чаир се соочува со проблеми, но и со опструкции од страна актуелното раководство на Градот. И покрај немањето слух од страна на Градот, проблемите заеднички ќе ги надминеме бидејќи Скопје и сите општини ќе имаат вистински партнер во новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а оној игнорантски однос во изминатите години заминува во минатото“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.
Ова е втора средба на двајцата градоначалници. Во периодот што следува најавија дека ќе изготват решенија за што побрзо надминување на сите детектирани проблеми.
Градоначалникот на Кисела Вода, Ѓорѓиевски, како претседател на ЗЕЛС најави посети во сите општини.
Македонија
Силјановска-Давкова со поглаварите и претставниците на верските заедници: изразена подготвеност за соработка
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска ги прими поглаварите и претставниците на верските заедници наведени во Уставот: поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема Хаџи Шаќир ефенди Фетаи, поглаварот на Католичката црква, скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, Киро Стојанов, суперинтендентот на Евангелско-методистичката црква, Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Даријан Сотировски.
На средбата таа се заблагодари за упатените честитки по повод нејзиното стапување на функцијата.
Претседателката ја изрази својата подготвеност за соработка со сите верски заедници и религиозни групи во државата во интерес на меѓусебното разбирање и почит.
Ја истакна и важноста на верските заедници во негувањето на соживотот како важен предуслов за просперитетот и напредокот на државата и изрази увереност дека верските заедници ќе продолжат да даваат активен придонес во напорите за одржување и натамошен развој на добрите меѓуверски односи.
Претседателката Силјановска-Давкова ги поздрави работата на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи и придонесот во градењето доверба и соработка меѓу верските заедници и религиозните групи, заштита на секуларниот карактер на државата и унапредување на верските слободи и права на граѓаните.