Со операта „Трубадур“, креирана од нашиот еминентен театарски и оперски режисер Иван Поповски, завчеравечер беа отворени 52. Мајски оперски вечери. Воодушевувањето, бурните аплаузи и овации беа доказ за одличната креација на ова оперско дело и извонредната изведба на оперските солисти, како и хорот и оркестарот на Македонската опера и балет

 

Со прекрасна сценографија, изведувачи и музичари од светски ранг и гламурозна публика која уживаше во безвременската приказна за љубовта, одмаздата и судбината на Вердиевиот „Трубадур“, завчеравечер во Националната опера и балет започнаа традиционалните 52 по ред, Мајски оперски вечери. Спектаклот на сцената го донесе македонскиот драмски и оперски режисер Иван Поповски, чии оперски поставки се наградувани во Русија и низ светот, а за првпат режира опера во Македонија. Поповски кој пред девет години ја донесе претставата „Мајсторот и Маргарита“ во Македонскиот народен театар, и сега, на свој театрален начин успеа емоцијата од сцената да ја пренесе врз публиката, а таа пак, воодушевена ги награди со бурни аплаузи и овации. Мајсторски секвенционирана, годинава операта “Трубадур“ беше донесена во поразлична верзија. Секоја арија имаше своја кореографија и драмски ефекти.

Во насловната улога блесна тенорот Зоран Сотиров кој имаше одлична изведба, а достојно му парираше и мецосопранот Сања Анастасија, првенка во Народно позориште во Белград, како и одличните Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Јане Дунимаглоски.

Диригент на операта беше маестро Енрико Довико од Италија, за сценографијата и сценските ефекти беше задолжен Миодраг Табачки од Србија, автентичните костими со забележителни детали ги одбра Марија Пупучевска, а кореографската палка беше на балерината и успешната кореографка Саша Евтимова.

Претставата која вљубениците на оперската уметност вчера ја проследија, топло ќе ја препорачаат, а сите оние кои не можеле да присуствуваат, ќе имаат можност тоа да го сторат вечерва (11 мај) , за кога е закажана следната изведба на „Трубадур“ на 11 мај со учество на солисти од Канада и Чиле, додека диригентот ќе биде Иван Еминовиќ.

Инаку, пред почетокот на претставата, беше изведена церемонијата за палење на фестивалскиот оган, чин кој годинава во холот на Националната опера и балет го пламна првенката на Македонската опера, сопранистката Славица Галиќ-Петровска и со звуците на „Триумфалниот марш“ од Вердиевата „Аида“ беше најавен празникот на оперската уметност.

А спектакуларниот почеток е само најава за сето она што следува во следните денови, сè до 31 мај. Во рамките на програмата на 52. Мајски оперски вечери до ќе се изведат и балетот „Заспаната убавица“ на Чајковски (15 мај) со диригентот Најер Нагуи од Египет и солисти од Бугарија, а на 18 мај ќе гостува Софиската опера и балет со операта „Валкира“ на Вагнер. Ова е и премиерна изведба на ова дело на македонската сцена. Куриозитет е тоа што ова ќе биде прво Вагнерово дело што воопшто е изведено во НОБ, а ќе трае пет часа. За 23 мај, е закажана операта „Тоска“ каде што во насловната улога ќе ја видиме оперската дива Весна Ѓиновска-Илкова, во изведба на домашна екипа и со гости од Србија и Романија.

Уште една новина за овие Мајски оперски вечери е изведбата на камерната опера „Свадба“, со која на 28 мај, ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана. Традиционално, Мајските оперски вечери ќе завршат на 31 мај со Вердиевата „Аида“ во која ќе настапат Моника Медек од Австрија во насловната улога, а како дел од екипата ќе има учесници и од Кина, Италија и Бугарија.

Инаку, годинешните Мајски оперски вечери беа посветени на македонската примадона Милка Ефтимова а во нејзина чест беше отворена изложба „Оперска одисеја“.

Фестивалот за отворен го прогласи министерката за култура Бисера Костадиновска –Стојчевска која истакна дека фестивалот со децении привлекува големо внимание кај домашната, но и странска публика, со оглед на својот квалитет и меѓународен карактер.

„Мајските оперски вечери се повеќе од празник, тие се круна на децениските напори на генерации македонски уметници да создадат и да остават гласовна трага за долги времиња. Тоа се тие генерации врвни уметници на кои им ја должиме сета наша почит зашто од нив научивме дека културата е мисија која прави чуда. Со задача да го промени и да го спаси светот“, истакна Костадиновска-Стојчевска.

Васо Ристов, директорот на Националната опера и балет, пак, посочи дека 52 години постоење на Мајски оперски вечери е бројка за гордост и почит.

„Изминатите 51 година Мајските оперски вечери активно го живее мај како центар на музичко-сценските случувања во државата. Фестивалот е своевиден крстопат на цивилизации од многу земји, претставувајќи платформа на која се претставуваат актуелните вредности на домашните и странските уметници покрај незаборавните креации на македонските изведувачи. Исклучителен придонес имаат и бравурозните изведби на гостите уметници чиј бројка надминува над илјада…“, кажа меѓу другото Ристов.

На отворањето освен оперската дива Милка Ефтимова, забележително беше присуството на Гордана Силјановска-Давкова, која од недела ќе биде инаугурирана за претседателка на Македонија, на голем број поранешни и сегашни функционери и пратеници, како и на познати лица од македонската општествено-политичка сцена.