Ведрана Рудан објави дека боледува од рак: Иако е забрането другарка од детството ќе ја фрли мојата пепел во морето

од Илинка Илиоска

Хрватската писателка Ведрана Рудан, во свој стил, преку текст на својот блог, соопшти дека боледува од рак.

Во текстот насловен „Ракот и јас“, Ведрана се осврна на тоа како ѝ соопштиле дека боледува од кобната болест, каква била нејзината реакција, но и за тоа какви се реакциите од најблиските, од пријателите, од лекарите…

„Илјадници пати го замислував овој миг. Писателите имаат бујна фантазија, како ќе изгледа тоа кога лекарот ќе ви пријде и без насмевка на лицето ќе ви каже…

Дали ќе паднам во несвест? Ќе се избезумам ли? Ќе плачам ли? Ќе се прашувам ли: ’зошто јас‘?

Животниот век се продолжи, јас сум млада… Не, не, не, зошто јас? Ништо не сум преживеала. Ме фати смеа кога ги видов загрижените лекари, како само се насобраа околу мене. Почувствував дека сакаа да ми ја олеснат маката што не ја чувствував.

Јас сум во 75-тата година од животот, голем број мои врсници немаат рак. Здрави се, во полна форма, а јас, а јас… Дури и не верувам дека треба да мислиш на добро за сè да биде добро, не се заморувам со тоа.

Преку ноќ дознав колку пријатели имаме јас и мојот сопруг, вистински пријатели, феноменални луѓе. Мојата другарка од детството ми вети дека ќе го организира мојот погреб, мојата пепел, иако е со закон забрането фрлање во море на нашата омилена плажа во Мошќеничка Драга“, напиша Ведрана.

Слични содржини