Целосна, транспарентна, непристрасна истрага без селективност е првото од 11-те барања на платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Сите одговорни да стигнат до суд бидејќи трагичниот пожар во Кочани потврди дека корупцијата во Македонија е закана за животот и безбедноста на граѓаните. Но, битката против корупција покажува системски слабости.
Платформата бара и реформа на казнената политика, одговорност на институциите надлежни во процесот на издавање на лиценци, реални и суштински наместо формални проверки на терен и казни за оние кои работат спротивно на законите.
Претходно владата најави мораториуми за исправање на грешките за оние објекти кои не ги почитувале законот.
Најстрашно, според претставниците на платформата е што безбедноста воопшто не била разгледувана и контролирана од надлежните и секогаш била второстепена за инспекциите поради што страдаат и гинат, граѓаните.
Миомир Серафиновиќ
Сите барања на Платформата на граѓански организации за борба против корупција:
Во оваа прилика Платформата упатува конкретни барања до надлежните институции со цел да се прекине праксата на неказнивост, селективна правда и формално исполнување на обврски. Бараме итно да се преземат следниве чекори:
- Целосна, непристрасна и транспарентна истрага за пожарот во Кочани- Обвинителството мора да спроведе темелна и објективна истрага, без политички влијанија. Бараме да се објават основни податоци од планот за истрага и да се организираат редовни јавни брифинзи за напредокот, без да се откриваат чувствителни детали.
- Целосна реформа на казнената политика- Бараме строги, предвидливи и правично применети казни за корупција, затоа што малите и симболични казни само го охрабруваат прекршувањето на законот. Потребно е да се унапреди заштитата на укажувачите.
- Одговорност за институциите и компаниите што не ги исполнувале обврските– Потребно е јасно утврдување зошто контролите и надзорот не се спроведувале со години, да се утврди дали тоа било резултат на нестручност или свесен пропуст и да се обезбедат информации за тековните постапки и резултатите од нив.
- Теренски проверки при вонреден надзор- Само административна проверка не е доволна. Потребно е инспекциите преку теренска и темелна проверка да утврдат кои објекти и компании ги исполнуваат законските стандарди.
- Проверка на имотна состојба и интереси на инспектори и службеници кои одлучуваат во постапки за доделување лиценци и дозволи- Да се проверуваат анкетните листови на лица кои одлучуваат за дозволи и надзор, со цел да се откријат евентуални конфликти на интереси, коруптивни врски и нечесно влијание врз одлуките.
- Инспекторските места да се пополнат со вистински луѓе– Покрај потребата да се истражи одговорност на инспекторите за констатираното раширено неследење на правила од страна на компаниите, потребно е и нивно доекипирање како би се проширил годишниот опфат на контролирани субјекти. Инспекторатите треба да бидат финансиски и политички независни, а кадровски максимално зајакнати.
- Ревизија на постапките за добивање дозволи и лиценци- Потребно е усогласување на сите прописи за безбедност, јасни критериуми за заштита од пожари, и обврска за теренски увид од ДЗС пред издавање дозволи. Елаборатите за заштита мора да станат задолжителен услов и при издавање на угостителски лиценци.
- Измените на законите да не бидат алиби за минатите пропусти- Иако се најавени нови законски измени, тоа не смее да се користи како оправдување за претходни незаконски постапки или непостапување. Одговорност мора да има за пропустите, дури и ако правилата во меѓувреме се променети.
- Итно постапување по наодите од ДКСК и ДЗР- Препораките од антикорупциските и ревизорски тела не смеат повеќе да се игнорираат. Институциите мора веднаш да реагираат, јавно да објавуваат кои случаи ги опфаќаат и какви мерки преземаат.
- Воспоставување вертикална одговорност во институциите- Секој што дозволил небезбедни објекти да функционираат– од најниско до највисоко ниво– мора да сноси одговорност, било дисциплинска, прекршочна, кривична или политичка.
- Престанување со притисоци врз граѓанските организации, движења, иницијативи и медиумите- Независните медиуми и граѓанското општество честопати први алармираат за проблеми во системот. Наместо да се дискредитираат, тие треба да се третираат како партнери во борбата за правда, без страв од притисоци и одмазди.