Здружението „Преродба“ ја чува и негува велигденската традиција

Здружението „Преродба“ ја чува и негува велигденската традиција

Првото црвено јајце кое се вапцува рано наутро, на четвртиот ден од Страдалната седмица, се смета дека е старо колку и православието. Според преданието, Марија Магдалена по смртта и воскреснувањето на Исус Христос, на царот Тибериј му подарила бело јајце, кажувајќи му дека Христос воскреснал и се ослободил од оковите на смртта, исто како што пилето излегува од лушпата на јајцето. Неверниот цар потсмешливо и’ одговорил дека тоа е невозможно, како што било невозможно нејзиното бело јајце да се претвори во црвено. Ама, Тибериј уште пред да ја заврши реченицата, белото јајце во рацете на Марија Магдалена станало црвено.

   Оттогаш, па се’ до ден-денес, повеќе од 2.000 години таа традиција останува да живее кај сите христијани. А како верни чуварки на традицијата, на верата и православието, членките од Здружението „Преродба“, адетите и обичаите за овие страдални денови до најрадосниот празник помеѓу сите празници, торжественото Воскресение – Велигден, со многу љубов и посветеност,  доследно им ги пренесуваат и на младите генерации.

  „Има посебно сега земемо замав и младите другарки се собираат, младите одат. Секој си носи јајце едно црвено в црква да си остави за здравје. Останало адет жените да си купиме некоја тава или грне, било што да е земјено, за да го имаме како спомен за Велигден, од црква да биде. Се носат децата в Чаршија, да им се купат нови алишта, бидејќи кај нас во Прилеп останала традицијата на шетање за Велигден. За многу години да ни е, да сме здрави и живи сите, да си ја продолжуваме нашата вековна традиција, да не ја запоставуваме“, – вели Лиле Ацеска од Здружението на жени „Преродба“.

  Во овие тешки времиња кога моралните и семејните вредности се изгубија, оваа традиција и нејзиното  пренесување на помладите се целта на нашето Здружение. Да се зачуваат моралот, традицијата, простувањето, да се зачува љубовта, бидејќи нив најмногу ги изгубивме, а без нив, ние сме никој и ништо, и како луѓе, и како народ, потенцираат нашите соговорнички.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )