Тренинг за спречување ризик од поплави и уредување речни текови


Почна тридневниот тренинг за спречување на ризик од поплави и ублажување на последиците од поплави во Куманово кој го организира Центарот за развој на североисточниот плански регион во рамки на прекуграничниот проект „Зајакнување на прекуграничните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Србија со заедничка цел за подобрување на животната средина“.

Финансискиот координатор на проектот, Андреа Протиќ изјави дека учесниците ќе имаат можност да се запознаат со мерките кои ги преземаат развиените земји за заштита од поплави.

-Целта на проектот е да се зајакне соработката помеѓу двете држави и да се обезбеди опрема за подобро справување со поплавите, изјави Протиќ.

Техничкиот директор на „Водовод“ Врање, Горан Стојановиќ кажа дека ова е одлична можност да се предвидат ризиците од поплави.

-Проектот е исклучителна можност за заемна соработка помеѓу двата града, двете претпријатија и сме благодарни за поддршката од ЕУ, изјави Стојановиќ.

Методија Саздов, инженер за животна средина вели дека во минатото за време на поранешната држава, многу повеќе се инвестирало во уредување на ерозивни подрачја, речни корита, пошумувања.

-После 90-тите, државата малку инвестира во уредување на речни корита. Поплавите се случуваат после големи дождови, шумата е таа која треба да спречи тој наплив на вода. Потребно е да се инвестира во уредување на речни корита, пошумување, за да не се случуваат немили настани од 2016-та 2017. Општините, државата мора да инвестираат во инфраструктурата, вели Саздов.

Тој кажа дека учеството на граѓаните е многу важно и мора да се подигне јавната свест за грижа на речните корита кои неретко се претвараат во „течни депонии“ поради фрлање смет.Саздов нагласува дека  е важно да се пошумува на оголените површини покрај теченијата на реките.

 Јавните претпријатија „Водовод“ од Куманово и Врање преку прекуграничен набавија градежни машини за потребите на граѓаните. Проектот „Зајакнување на прекуграничната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија со заедничка цел, подобрување на животната средина“ има за цел да понуди поквалитетни услуги кон граѓаните преку набавка на опрема за двете претпријатија и е финансиран од ЕУ.