Во четвртиот квартал од годината, нето надворешниот долг е зголемен за 305 милиони евра или за 7,3 проценти. Како што информираат од Народна банка, нето надворешниот долг на Македонија, на крајот од минатата година, изнесувал 4.458 милиони евра или 32,6 проценти од проценетиот БДП. Во однос на крајот на 2022 година, нето надворешниот долг е зголемен за 147 милиони евра или за 3,4 проценти

 

 

Нето надворешниот долг на Македонија, на крајот од минатата година, изнесувал 4.458 милиони евра или 32,6 проценти од проценетиот БДП, објави вчера Народна банка.

Како што анализира централната банка, во четвртиот квартал од годината, нето надворешниот долг е зголемен за 305 милиони евра или за 7,3 проценти.

– На крајот од четвртиот квартал од 2023 година, бруто надворешниот долг изнесува 11.463 милиони евра и забележа квартално зголемување од 386 милиони евра. Бруто надворешните побарувања се зголемија за 81 милион евра и изнесуваат 7.004 милиони евра. Поголемото квартално зголемување на обврските во однос на побарувањата доведе до зголемување на нето надворешниот долг за 305 милиони евра, така што на крајот од декември 2023 година тој изнесуваше 4.458 милиони евра – појаснуваат од Народна банка на Македонија.

Во текот на четвртиот квартал од минатата година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2 проценти од проценетиот БДП за 2023 година.

Во однос на крајот на 2022 година, нето надворешниот долг е зголемен за 147 милиони евра или за 3,4 проценти, во услови на зголемување на нето приватниот долг за 269 милиони евра, а намалување на нето јавниот долг за 122 милиона евра.

Според економистите, надворешниот долг на една економија ги претставува тековните обврски помеѓу резиденти и нерезиденти врз основа на должнички инструменти, на одреден датум. Статистичкото истражување на надворешниот долг опфаќа стандардни извештаи за бруто надворешниот долг и за бруто надворешните побарувања. Тие појаснуваат дека статистиката за надворешниот долг, исто така, вклучува индикатори за нето надворешен долг, т.е. разлика помеѓу состојбата на бруто надворешниот долг и бруто надворешните побарувања.

– Нето надворешниот долг во својата структура е идентичен со бруто надворешниот долг и побарувања, при што стандардниот приказ на сите категории е поделба по институционални сектори, рочност и видови должнички инструменти – објаснуваат експертите.