КОМИСИЈАТА ЗА АВТОМОБИЛСКА ОДГОВОРНОСТ 15 ГОДИНИ НЕМА ДОСТАВЕНО ПРЕДЛОГ ЗА КОРЕКЦИИ НА ЦЕНАТА НА ОСИГУРУВАЊЕТО, ИАКО ОПШТИОТ ПОРАСТ НА ЦЕНИТЕ Е 61,5 ОТСТО

    КОМИСИЈАТА ЗА АВТОМОБИЛСКА ОДГОВОРНОСТ 15 ГОДИНИ НЕМА ДОСТАВЕНО ПРЕДЛОГ ЗА КОРЕКЦИИ НА ЦЕНАТА НА ОСИГУРУВАЊЕТО, ИАКО ОПШТИОТ ПОРАСТ НА ЦЕНИТЕ Е 61,5 ОТСТОЗаконска обврска на Комисијата за автомобилска одговорност е еднаш годишно да доставува до Владата предлог за утврдување на минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување од автоодговорност. (Фото: СДК.МК)

    Комисијата за автомобилска одговорност од 2008 година наваму ниту еднаш нема доставено предлог до Владата за корекции во минималната и максималната стапка на техничката премија, иако според член 46 од Законот за задолжително осигурување во сообраќај, еднаш годишно треба да доставува до Владата предлог за утврдување на минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување од автоодговорност. Според законот, врз основа на тој предлог, Владата еднаш годишно ја утврдува минималната и максималната стапка на техничка премија. Ваквото законско решение е предвидено со цел да се земат превид инфлаторните и дефлаторните влијанија кои директно влијаат врз одржливоста на премијата.

    Комисијата за автомобилска одговорност е именувана од страна на Владата согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот и ја сочинуваат членови од Министерството за финансии (МФ), Националното биро за осигурување (НБО) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).

    И покрај овие законски одредби, техничката премија не е променета 15 години, откако последната одлука за утврдување на минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност е донесена на 9 септември 2008 година од страна на Владата. Со таа одлука стапката на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност е намалена за 30 отсто.

    Во 15-те години оттогаш не се носени годишни одлуки за ревидирање на минималната и максималната стапка на техничка премија и не постои друга одлука на Влада по тоа прашање..

    Во овој 15-годишен период, општиот пораст на цените изнесува 61,5 отсто, а кумулативната годишна инфлација изнесува 52 отсто.

    Дополнително, ако се направи споредба помеѓу цените во 2006 година, кога е последната највисока цена пред намалувањето во 2008 година, и новите покачени цени во 2024 година, се гледа дека новите цени се сè уште пониски од цените во 2006 година. Па така, за возило од 44 до 55 киловати во 2006 година се плаќало 6.583 денари, во 2008 година се плаќало 5.453 денари, додека со новото покачување во 2024 година се плаќа 6.292 денари, што е за 291 денар пониско од 2006 година.

    Со оглед на општиот пораст на цените и високата инфлација, нејасно е зошто комисијата ниту еднаш во овој период нема доставено предлог до Владата за корекции во минималната и максималната стапка на техничка премија, согласно законот и се поставува прашањето дали со неносењето годишни одлуки директно се оштетени осигурителните компаниите.

    На 25 април, цената на полисата за задолжителното авто осигурување поскапе за 15,44 отсто за возила со моќност од над 44 киловати. Поскапувањето е од 840 до 1.600 денари, во зависност од моќноста на возилото.

    На 29 април, Комисијата за автомобилска одговорност им препорача на Националното биро за осигурување и на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурувањето да им предложат на друштвата за осигурување да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците и да ги вратат на ниво од пред 25 април.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира