• петок, 26 април 2024

СНСД во Парламентот на БиХ бара поништување на одлуките на Шмит

СНСД во Парламентот на БиХ бара поништување на одлуките на Шмит

Бањалука, 18 април 2024 (МИА) - Пратеничкиот клуб на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) денеска на седницата на Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ предложи усвојување заклучок со кој одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит се прогласуваат за правно ништовни, незаконски и правно необврзувачки.

Овој заклучок предвидува дека институциите на Босна и Херцеговина се обврзуваат да не ги спроведуваат одлуките на високиот претставник.

Во предложените заклучоци, СНСД бараше одлуките на Шмит да не се објавуваат во Службен весник на Босна и Херцеговина, туку само акти кои се на институциите на Босна и Херцеговина.

Беше побарано Министерскиот совет на БиХ итно да поднесе предлог за измени на Изборниот закон на БиХ во собраниска процедура, со изразена решеност за отворање на процесот на преговори со ЕУ и за политичка независност на БиХ, во согласност со меѓународното право.

Членот на Социјалдемократската партија (СДП) Јасмин Имамовиќ изјави дека неговата партија нема да ги поддржи предложените заклучоци на СНСД.

„Не се согласуваме со предложеното решение и ќе ги отфрлиме заклучоците на денешната седница. Сметаме дека на овој начин го зачувуваме Дејтонскиот мировен договор, Уставот на Босна и Херцеговина и ја почитуваме уставноста и законитоста“, рече Имамовиќ.

Членот на Демократскиот фронт (ДФ) Милан Дуновиќ изјави дека заклучоците за кои тврди дека се предлог на „владејачката петорка“ (СНСД, ХДЗ БиХ и пробосанската коалиција „Тројка“) нема да бидат усвоени на денешната седница на Претставничкиот дом на БиХ.

„Заклучоците се бесмислени и претставени како перформанс за јавноста, а напишани на начин што ги прави неусвоиви, оцени Дуновиќ. паг/
  

 

Остани поврзан