(ВИДЕО) Филипче: Не наседнувајте на приказните дека оние во Белата палата, знаеле подобро од нас

Не наседнувајте на приказните дека оние кои седат во Белата палата, која е симбол на криминалот и корупцијата, знаеле подобро од нас да се справуваат со корупцијата и криминалот. Не наседнувајте на приказните за правда од оние кои пробаа да извршат убиства во Собранието, за да не дојде до промена на власта, порача Венко Филипче од предизборниот митинг во Неготино.

„Не наседнувајте на лажните патриотски приказни на оние кои имаат резервна татковина, за кои патриотизмот е единствено чукање во гради додека државата пропаѓа во изолација. Тоа не е патриотизам, тоа е алатка за замајување на граѓаните. Каде се сега истите тие кои ве плашеа со некакви странски, тирански Платформи? Каде се сега кога ДПМНЕ најавува коалиција со партиите кои се построија во Приштина и од таму праќаат политички пораки? Или сега Приштинска платформа не им пречи, туку ја повикуваат во коалиција?

И ова е веќе виденото ВМРО-ДПМНЕ: со години ќе плаши и манипулира со национализам, а потоа ќе си прави дилови и дели територии.

Ве повикувам почитувани граѓани, драги пријатели, другарки и другари, уште еднаш да размислите пред гласањето. И да разговарате со своите соседи и пријатели. СДСМ од своето постоење до денес најискрено ги темели своите политики на зачувување на придобивките од нашето минато. Вие паметите дека понекогаш бевме сами на браникот на одбрана на НОБ и АСНОМ. Знаевме дека тие се темелите на нашата државност: ги почитувавме, ги одбележувавме и ги браневме кога овие другите ги рушеа и понижуваа. Ние, од СДСМ, никој друг. Никогаш со нашите политики не сме го довеле во прашање опстојувањето и напредокот на државата. Да не дозволиме со погрешен избор да се врати национализмот, насилството и примитивизмот во политиката, апсењето новинари, прислушувањата и грабежот.
Јас и другите кандидати за пратеници од СДСМ и коалицијата имаме програма и идеи за стабилност и иднина на Македонија. Јас верувам во вашата поддршка. Верувам дека луѓето размислуваат со своја глава и можат да носат правилни одлуки.

И ве повикувам сите да бидеме оптимисти. И да ја покажеме нашата сила и моќ на изборите на 8-ми мај. СДСМ има шанса. И од сите нас зависи дали ќе ја искористиме за да им испратиме вистинска порака“ порача Филипче.

Back to top button
Close