Новоформираниот центар за дигитална трансформација „Go digital“ ќе им помага во дигитализација на микро, малите и средни компании на кои им недостигаат дигитални вештини, кои би им помогнале да бидат видливи и конкуренти на глобалниот пазар. Центарот е основан е од бордот на „Македонија 2025“ и е непрофитна организација, а целта е да се создаде екосистем кој ќе ја поддржи дигитализацијата.
Директорката и коосновач на „Go digital“, Никица Мојсоска-Блажевски, изјави дека дигитализацијата е една од клучните области за економски раст и развој, а недостигот на ваквиот систем може да претставува предизвик за истите.
“Има мали обиди за поддршка на дигитализацијата на компаниите, но тие не знаат што може да направат и кои се придобивките и немаат со кого да разговараат и за финансирањето за спроведување на дигиталната трансформација.”, порача Мојсоска-Блажевски.
Васко Кроневски, коосновач на Центарот истакна дека си поставиле амбициозна цел на среден рок. Имаат визија да успеат во создавањето на екосистемот во кој ќе има поддршка во планирањето на дигитализацијата на малите и средните претпријатија, но и во имплементацијата на конкретни проекти за дигитализација и помош во нивно финансирање.
Главната цел на ова организација е да им помогнат на успешните мали и средни претпријатија да ја зголемат својата конкурентност преку примена на дигитални алатки.