Советот за безбедност на ОН за БиХ – западните земји со Шмит, Русија со Цвијановиќ

Во средата, Советот за безбедност на Обединетите нации повика на усогласеност со Дејтонскиот договор и зачувување на мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина, при што американскиот и амбасадорите на другите западни земји му дадоа јасна поддршка на високиот претставник Кристијан Шмит додека рускиот амбасадор ја поддржа политиката на Република Српска.

Вонредната расправа беше свикана на барање на Русија за да ѝ се овозможи на српската членка на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, пред ова тело да ги изнесе ставовите на политичарите од Република Српска кои на секој начин се обидуваат да спречат усвојување на резолуција на Генералното собрание на ОН за наводен геноцид во Сребреница. Тоа беше повод амбасадорот на БиХ во ОН, Златко Лагумџија, на седницата да предупреди дека се работи за „манипулација под руско спонзорство“, бидејќи биле наводно заобиколени другите двајца членови на Претседателството на БиХ.

Цвијановиќ, која зборуваше во онлајн формат без согласност на Претседателството, побара од Советот за безбедност да ги осуди прекршувањата на Дејтонскиот договор од 1995 година, и предупреди дека на неговата ревизија од страна на бошњачките политичари поддржани од западните земји, со која се обидува да создаде централизирана држава, се работи со години.

„Република Српска не го крши меѓународното право и уставот, таа се залага за почитување на Дејтонскиот договор, кој им дава најголем дел од овластувањата на ентитетите“, рече Цвијановиќ, чија теза е дека надворешните интервенции ја држат БиХ под протекторат и на тој начин го спречуваат помирувањето меѓу нации.

Босна и Херцеговина, како што рече Цвијановиќ, може да функционира само без прегласување на конститутивните народи, и посочи дека политичарите на Бошњаците се виновни за сите проблеми во земјата, бидејќи се обидуваат да создадат унитарна држава, а смета дека сите претходни високи претставници им помагале во тоа.

Цвијановиќ ги обвини бошњачките власти дека се закануваат со војна и поттикнуваат конфликти, ја опиша БиХ како „засолниште на џихадистите“, а Кристијан Шмит како „колонијален претставник“ кој со своите постапки го попречува напредокот на земјата. Српските политичари во БиХ, инаку, не го признаваат легимитетот на Шмит, затоа што тој не е именуван на вообичаен начин со дискусија и соласност на сите члени во ова тело.

Таа го обвини високиот претставник и дека со неговите интервенции го поткопува владеењето на правото, а особено ја нападна најавата за усвојување резолуција во Генералното собрание на ОН, со која 11 јули ќе биде воспоставен како „меѓународен ден на сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница“, кој бил извршен против Бошњаците во 1995 година од припадници на војската и полицијата на босанските Срби.

Иако предлагачи на резолуцијата се Германија и Руанда, Цвијановиќ најави дека поради ова ќе бара разрешување на амбасадорот Лагумџија.

Бања Лука, како и Белград, признаваат дека во Сребреница се случил тешко воено злосторство, но изнесуваат низа факти дека не може да станува збор за геноцид. Покрај тоа српската страна како најголемо лицемерие го наведува фактот што предлагачи се Германија и Руанда, двете земји обвинети за милионски систематски ликвидации на цели народи. Покрај тоа, особено од Белград, посочуваат дека целта на овој предлог е прогласување на целиот српски народ за геноцид што ќе послужи за укинување на српскиот ентитет во БиХ.

„Нема консензус меѓу нашите народи и во телата на властите за текстот на резолуцијата“, рече Цвијановиќ, која тврди дека резолуцијата не е воопшто безопасна бидејќи нејзината крајна цел е укинување на Република.

Шмит ги отфрли сите тврдења на Цвијановиќ и го потсети Советот за безбедност на неговиот мандат, кој не го прифаќаат ниту Русија и Кина, според кој тој наводно има овластување да го следи почитувањето на Дејтонскиот договор, а на политичарите од Република Српска им замери дека се тие што ја почитуваат правната рамка и законите на земјата во која живеат.

„Има закани за мировниот договор. Претседателот на Република Српска (Милорад Додик) и други функционери од Република Српска често го напаѓаат Дејтон со запалива реторика кога зборуваат за распаѓање на државата и одвојување на Република Српска од Босна и Херцеговина“, тврдеше Шмит.

„Постојните тензии во земјата се подгреани од ваквата реторика, иако за среќа досега не ескалираа во насилство“, додаде Шмит.

Тој ги осуди појавите на „историскиот ревизионизам“ и „негирањето на геноцидот“, потсетувајќи како ги користел своите овластувања за да ги спречи лицата осудени за воени злосторства да учествуваат на изборите.

„До последната фаза на европската интеграција, Дејтонските правила мора да останат во сила и да се почитуваат, вклучително и суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ, како и соработката со Канцеларијата на високиот претставник (OHR)“, заклучи Шмит.

Американскиот амбасадор Роберт Вуд предупреди на опасноста од етнонационализам во БиХ и му даде јасна поддршка на Шмит како висок претставник.
Тој посебно го повика Додик дека го негира геноцидот во Сребреница, предупредувајќи дека и лидерот на босанските Срби редовно се заканува со отцепување, а со тоа и мир во регионот, поради што САД му воведоа санкции.

„Факт е дека во Сребреница е извршен геноцид и тоа е утврдено со пресудите на меѓународните судови“, истакна Вуд, а на сличен начин реагираа и британскиот амбасадор Фергус Екерсли и амабсадорот на Франција.

Рускиот амбасадор Василиј Небензја ја поддржа изјавата на Жељка Цвијановиќ, а истовремено инсистираше на тврдењето дека грубо се прекршува Дејтонскиот договор и затоа БиХ нема статус на независна и суверена држава. Тој ја префрли вината за ова на Западот и на високиот претставник Шмит, кого го нарече „самопрогласен босански автократ“.

Повторувајќи ги тезите што со месеци ги промовираа политичарите од Бања Лука и Белград, Небензја заклучи дека поради Шмит, како и резолуцијата за Сребреница, ситуацијата во Босна и Херцеговина може да излезе од контрола, што потоа може да се прелее преку нејзините граници и да го дестабилизираат целиот Балкан.

Кинескиот претставник Генг Шуанг го изрази противењето на Пекинг на „наметнувањето решенија и санкции“ во Босна и Херцеговина а злосторството во Сребреница го нарече „масакр“, укажувајќи дека Кина не е подготвена да поддржи резолуција за која нема консензус.

Претставниците на Јапонија, Швајцарија, Словенија, Малта, Кореја, Еквадор, Алжир, Гвајана, Мозамбик, Сиера Леоне повикаа на строго почитување на Дејтонскиот договор и зајакнување на стабилноста на Босна и Херцеговина како единствена држава.