ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Денеска гласаа болните и изнемоштени лица и затворениците

Над девет илјади избирачи, болни и изнемоштени лица, како и затвореници, денеска го остваруваат правото на глас. Како што информираа од Државната изборна комисија, вкупно 6.935 лица поднеле барање да гласаат дома – тие во општинските изборни комисии со соодветна документација се пријавиле како болни или немоќни. Денеска на претседателските избори гласаат и две лица кои се водат за внатрешно раселени, како и 534 гласачи кои се сместени во 20-те центри за вонсемејна грижа.

Од утринава во седум часот пак, своето право на глас го остваруваат и притворениците и затворениците. Гласачките места во вкупно 14 казнено-поправни установи ќе бидат затворени во 19 часот. Станува збор за 2.147 гласачи.

Од Државната изборна комисија информираа дека гласањето се одвива без проблеми. Таква беше сликата и во затворот во Шуто Оризари, каде до 13 часот правото на глас го оствариле 25% од запишаните избирачи. Членовите на избирачкиот одбор велат дека немаат никакви потешкотии, единствено што, за разлика од вообичаените услови, во затворите гласањето тече побавно, бидејќи затворениците се спроведуваат еден по еден до просторијата определена за гласање.

„Нема никакви проблеми, се перфектно си тече во самиот процес“, рече Александар Глигоров – претседател на избирачко место.

Со право на глас на овие избори во Избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.317 гласачи. ДИК извести дека постои значителен интерес и за набљудување на овие избори од страна на домашни, странски и меѓународни организации, како и медиуми.  Досега се издадени акредитации за набљудување на 342 домашни, 517 странски и меѓународни набљудувачи, 51 преведувач и 32 странски новинари.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button