Ќе успее ли Саса да го „преплива“ Охридското Езеро? Последен воз за Осогово, Победа и Тетекс немаат право на грешки!

Оваа сабота ќе бидат одиграни натпреварите од 26. коло од Втората македонска фудбалска лига, а најинтересно ќе биде во долниот дел од табелата, каде екипите кои се борат за опстанок немаат право на грешки.

Дербито на колото се игра во Врапчиште каде ќе се соочат лидерот Беса и второпласираниот Пелистер. Овие две екипи веќе можеме да кажеме дека се нови прволигаши, но сега борбата ќе биде кој да биде шампион во Втората лига и како прв да патува во елитата на Македонија.

Двете екипи покрај првичната цел обезбедување на место во Првата лига, имаа цел и да го подигнат шампионскиот пехар во Втората лига.

Каменица Саса ќе биде на тежок испит, ќе треба да го „преплива“ Охридското Езеро ако сака да игра во Втора лига и следната сезона. „Рударите“ гостуваат на „Билјанини Извори“ каде против фаворитот Охрид ќе бараат три бодови, бидејќи во секој друг случај тие ќе потонат.

Тетекс ќе игра полошко дерби со фаворитот Арсими на домашен терен во меч каде „штофарите“ со победа ќе направат огромен исчекор кон опстанокот, а Арсими ќе сака три бодови со цел да го сочува четвртото место, бидејќи Охрид со триумф може да се израмни на четврото место.

Башкими на домашен терен ќе игра против ланскиот прволигаш Скопје на домашен терен, а тоа ќе биде дерби за петтото место.

Беласица на домашен терен ќе игра против Кожуф од Гевгелија каде ќе бара три бодови со цел да прогреси кон средишниот дел од табелата. Трите победи на Кожуф го искачија до осмото место на табелата и го обезбедија опстанокт, а пак Беласица се спушти на десеттото место со 31 бод.

Новаци на домашен терен против Детонит Плачковица ќе бара бодови со цел екипата на Дарко Крстевски да стави печат на опстанокот и за следната сезона. Во претходното коло Новаци забележа голема победа над Саса, со тоа што стави крај на резултатската криза и сега против радовишани ќе бара три бодови за го осигурни опстанокот.

Осогово на домашен терен против последнопласираниот Караорман ќе бара бодови за излез од резултатската криза, но и да го фати последниот воз за директен опстанок во Втората лига, бидејќи се освен триумф за „жетварите“ ќе значи неуспех и борба со Саса за баражот.

Победа на домашен терен против Вардар Неготино ќе бара нови три бодови, кои доколку ланскиот прволигаш ги обезбеди ќе значи дека Победа речиси и го обезбедува опстанокот. На овој меч младите играчи на Победа ќе мораат да триумфираат, бидејќи потоа имаат многу тежок распоред.

Сите натпревари од 26. коло од Втората лига ќе стартуваат во 16 часот.

Александар Ванев, М-Нет