Во Битола денеска се одржува целодневниот музички настан „Градот ме тера да пеам“

Програмата на АКТО 19 „Јавни простори во движење (кон) II“ и платформата „Силата ЕУ младите“ денеска во Битола организираат целодневен музички настан под името „Градот ме тера да пеам“

„Битола, на 13 април, ќе биде музика. Музика од најубавите и извонредни млади македонски автори и изведувачи, чии квалитет и творештво се јадрото на современата млада и урбана сила и култура. Младите кои Мирко Попов ги сакаше, почитуваше, поддржуваше и за кои континуирано се обидуваше да креира простор, можности и поттик за работа и афирмација. Во бројни соработки на Мирко со пријателите од Битола и со АКТО како долгогодишен придвижувач на современата мисла, уметност и култура, создаваа нови простори за презентација на музичката култура, следејќи ги будно младите и надоаѓачки сили, со кои во една интергенерациска нишка делеа сцени, искуство и соработка“, велат организаторите.

„Градот ме тера да пеам“, посочуваат тие, е една од овие соработки, која започна да се развива на почетокот на оваа година со цел Битола да биде обоена во музика, да ги да ги чуе во живо и да танцува на песните од младата генерација музичари и диџеи, претставници на современата македонска поп, рок, инструментална краут рок и електронска музичка сцена.

„Градот ме тера да пеам“ е песна на Мирко Попов и „ПМГ Колектив“, име на јубилејното 200-то издание на „ПМГ Рекордингс“ – компилација на македонска музика селектирана од Мирко за која велеше дека е „Приказна за убавите деца на овој град… убавите деца на оваа земја“, и име на 12-тото издание на фестивалот „ПМГ Рекордингс“ во 2020 година.

„’Градот ме тера да пеам’ е музички настан кој ќе се реализира оваа сабота на 13 април во Битола, за која Мирко милуваше да каже ‘Битола, втор роден крај’. Во чест на Мирко Попов и македонската музика, дојдете во Битола заедно да танцуваме!“, стои во најавата за настанот.

Најпрво, настанот во пладневниот термин се одржува од 12 до 16 часот во кафе-бар „Јагода“, каде ќе има промоција на винил-изданието „Поп Култура“, но и диџејски сетови на Димчуга [WHY2K?] + Кекиќ [MINT] + ГЛВ [MINT]

Промоција на Поп Култура – прва винил компилација посветена на современата поп продукција од млади македонски музичари. Ова исклучително винил издание се реализира во рамки на платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ. Компилацијата опфаќа селекција на песни од најрепрезентативните млади автори на македонската поп музичка сцена: Audio Cigla, Mia Perevska, Dina Jashari, Andreja Salpe, Zee, Young Dadi, Matej Foltz и веќе признатиот музичар Slatkaristikа“, велат организаторите.

Потоа, во клубот „Јагода“ од 22 часот до раните утрински часови ќе се одржат концерти на Димитра, „Д Локал Блу“, „Занаду“ и „Поетроника“, а притоа се најавени и диџејски сетови на Јос и Мартина Пенева.

Димитра е родена и живее во Битола, каде дипломира како психолог. Како голем љубител на уметноста, таа во слободно време пишува поезија, продуцира песни, креира мултимедијални дела и учествува во уметнички и едукативни проекти и перформанси. Димитра има пет музички изданија со издавачката куќа „Шарла“ во Скопје, при што е автор на музиката и текстот, како и продуцент и изведувач на песните. Изданијата се „Живот Во Живо“ (2018), „Come To The Danger Club“ (2018), „Празни Муабети“ (2019), „Мак Мрак“ (2020) и „Работ На Акција“ (2023). Таа исто така има голем број на неиздадени, независни музички проекти кои ги објавува на својот YouTube канал под псевдонимот DMT Ra. Со своите музички дела, таа има настапувано на повеќе настани, меѓу кои „Земјотрес“ и „Прво Па Женско“ во МКЦ – Скопје, „Шарла: 5 Чекори Поблиску“ во „Ла Кања“, локал во Скопје, во „Макка Бар“ во склоп на АКТО фестивалот, како и на други локални настани. Димитра исто така има настапувано со својата поезија, има настапувано како DJ, како вокалист, како оратор и како актер во претставите „Нора“ и „Виндикта“ во „Интимен Театар“ – Битола.

„Занаду“ е млад бенд од Скопје, коj не верува во жанровски ограничувања, а на музиката гледа како слобода за канализирање на моментална емоција, импулс и енергија. Слободното течење и храброто пливање низ жанрови, ритмови и фреквенции се начини на кои поробуваат да го пронајдат звукот коj најдобро ги дефинира. Формирани 2021 година, по период на дефинирање на идејата и музичко себеспознание, во 2022 година го обавуваат својот деби сингл “Навика”, за подоцна истата година во етер да го пуштат и нивниот деби албум “Соништа” предводен од истоимениот сингл и синглот “Зборувај, замижи, побегни”. Занаду се еден од најмладите состави на „Гола Планина Колектив“. Тие пркосат со својата младешка енергија против сите ограничувања и догми, а нивната соничност и дивергентност е најдобро воочлива на настапите, каде најмногу ги уживаат бисовите и стиховите, кои едногласно ги делат со публиката.

„Д Локал Блу“ e музичка група од Скопје, во која членуваат (сега веќе) четворица млади, но и добро познати музичари во се’ побогатата алтернативна сцена на овие простори. Тричленото јадро на бендот го сочинуваат Кристијан Савиќ на електрична гитара, Панде Ефтимов на бас и Кристијан Новковски на тапани, во чиј трио формат зад себе ги оставија албумите „Project Blue Beam“ од 2018 година и „2nd Landing“ од 2019 година – и двата издадени од Мирко Попов и неговата добро позната издавачка куќа PMG Recordings. Звукот на „Д Локал Блуе“ би можел да се опише како инструментален краут рок со забележливи психоделично-динамични акценти. Би можел да се опише и како уникатна спојка на една цела палета, како: психоделичен рок, стоунер рок, спејс рок, пост рок. И ништо од ова не би било погрешно. Сепак, бидејќи афинитетите кон музичка слобода, својствени во изразот на секој од членовите, им допуштаат на композициите да прогресираат секоја на свој уникатен начин, зависно од моменталното чувство, би можело да се каже дека горенаведените стилови не би го опишале во целост звукот на овој бенд. Токму желбата за слобода во изразувањето и отвореност кон се’ поширок спектар на музички изрази од различни стилови, доведе до проширување на матичното трио со уште еден член. Се разбира, тој член не е повикан само поради случаен склоп на околности, или само бидејќи свири саксофон, чија боја одлично се вклопува во целокупната гитарска психоделија. Повикан е бидејќи е веројатно најистакнатиот саксофонист од новиот бран на скопската импровизирана, авангардна, фри џез сцена, а кој сепак има долгогодишно искуство и во гитарската музика. Станува збор за саксофонистот и кларинетистот Нинослав Спировски, кој е попознат како член на бендовите Светлост, Светлост + Odron Ritual Orchestra, Fighting Windmills, Б/О/С Трио и еден куп други неформални, или формални, но се’ уште не толку познати формации. Бендот моментално работи на својот трет албум. Или прв во овој четиричлен формат. И се очекува истиот да излезе во текот на оваа 2024-та година.

Поетроника“ е еден од највозбудливите музички проекти во земјава кој поставува нова парадигма во начинот на изведба и донесување пред публика на современа македонска поезија во форма на поетско-музички перформанс во контекст на авторска електронска музика изведена во живо. Заслужни за тоа се двајца врвни современи уметници од домашен контекст, Оливер Митковски, еден до најголемите домашни актери од средната генерација кој во изведбата го носи читачкиот (поетски, интерпретативен) дел и Андреја Ристески – Салпе, млад и високо талентиран автор и продуцент, еден од водечките современи македонски електронски артисти, задолжен за музиката. Неочекувана, но мошне благодарна комбинација, која ни дава силно модерен и динамичен поглед врз македонскиот поетски пишан збор. Музиката на Андреја Салпе е високо квалитетна современа електронска продукција, со традиционални и џез одеци, која волшебно пронижена со искусниот вокал на Митковски фрла сосем ново светло на некои познати, но и не толку познати стихови од нашето минато и сегашност од автори како Ацо Караманов, Гого Ивановски, Игор Исаковски, па се до Горан Петрески, Владимир Лукаш, Оливера Ќорвезироска и Ѓоко Здравески. Квалитетот на изведбата во „Поетроника“ ги елевира песните на едно ново, неочекувано, но неописливо атрактивно ниво и ги прави податни за ново толкување, приближувајќи ги до нова, млада публика“, стои во најавата на настанот.